Вести
Анализа: Да се одвојат седум милиони евра за СОС-линија, 10 центри за упатување жртви на силување, 28 засолништа, 19 советувалишта и бесплатна правна помош
За воспоставување целосно функционален систем што ќе опфаќа една национална СОС-линија, десет центри за упатување жртви на силување, ќе обезбеди долготрајна нивна психосоцијална поддршка, најмалку 28 засолништа, 19 советувалишта и бесплатна правна помош за жртвите, годишно треба да се одвојат околу седум милиони евра, што е 0,1 отсто од националниот буџет – истакна денеска проф. д-р Катерина Шапкова-Коцевска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, ангажирана како истражувачка во делот на буџетските пресметки, на презентацијата на наодите од анализата за трошоци за специјализирани услуги за жртви на родово базирано и семејно насилство.
Таа посочи дека два главни наоди призлегле од истражувањето, од кои првиот наод е дека голем дел од сервисите што државата има обврска да ги воспостави досега не се воспоставени.
– Проблемот е најургентен кај засолништата, кај упатните центри за жртви од сексуално насилство, кај центрите за долготраен психосоцијален третман и кај советувалиштата – додаде проф. д-р Шапкова -Коцевска.
Анализата, појасни таа, опфаќаше истражување на тоа колку средства досега се издвојувани за специјализираните сервиси за жени и колку средства треба да издвојуваме како држава доколку ги следиме националните стандарди и стандардните што ги спроведува Истанбулската конвенција.
Извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Елена Димушевска, рече дека државата може да ги одвои овие пари.
– Апсолутно ги имаме овие пари. Дали ќе бидат одвоени и алоцирани за оваа намена е дали оваа наша Влада ќе одлучи дека насилството врз жените е приоритет за кој мора да определи средства. Промена на законската регулатива, постојано зборување дека ова или она сме смениле… Апсолутно ние нема шанси да го подобриме системот на заштита, нема шанси да обезбедиме пристапна и достапна заштита, мислиме на сите жени на национално ниво и нивните деца. Кога ова ќе ни биде приоритет, овие средства многу лесно ќе се алоцираат бидејќи државата ги има овие средства, прашањето е дали сака да ги потроши на ова – истакна Димушевска.
Адвокатката Неда Чаловска -Димовска, која била вклучена во правната и во институционалната анализа во истражувањето, смета дека државата мора да ги обезбеди бидејќи ги презела тие обврски со ратификација на Истанбулската конвенција, со донесувањето на Законот за спречување насилство врз жените и тоа што државата не ги исполнува овие обврски значи дека врши дискриминација затоа што родово заснованото насилство е родово прашање и многу повеќе ги засега жените.
– Поради тоа што одредени услуги не се воспоставени, како што е долготрајната психо-социјална поддршка на жртвите на силување, кои 90 отсто се жени, ќе биде поднесена претставка како здружение на граѓани, Хелсиншкиот комитет, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство и Центарот за еднаквост и правда до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за да се задолжи Министерството за здравство, конечно, да го воспостави овој сервис, кој пет години не е воспоставен иако во законот тоа го пишува од 2021 година – додаде Чаловска-Димовска.
мај 8, 2026

