Вести
Костадиновски: Кога Уставниот суд е бескомпромисен, очекувано е некои структури да бидат нервозни
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, во гостување на една од телевизиите, на 7 мај 2026 година, говореше за повеќе актуелни уставно-правни прашања, при што се осврна на предметот за Законот за употреба на јазиците, имплементацијата на одлуките на Судот, измените на Кривичниот законик, уставната тужба, реформите во јавната администрација и иницијативите поврзани со судските плати и олективниот договор во културата. Во однос на јавните реакции за предметот за Законот за употреба на јазиците, Костадиновски остро ги отфрли тврдењата дека Уставниот суд „го масакрира албанскиот јазик“ оценувајќи дека станува збор за политичка манипулација и злоупотреба на чувствителни прашања.
„Тоа е тешка лага и тешка манипулација. Многу ми пречи кога се прејудицира. Кај нас со голема леснотија политичарите, бркајќи политички гласови, мобилизација на гласови, злоупотребуваат теми што не се баш подобни за политичка манипулација, како што се меѓуетничките односи. Не знам од каде му е рефератот, но апсолутно не станува збор за никакво масакрирање на албанскиот јазик. Јас повеќепати до сега имам истакнато дека никој нема да го чепне албанскиот јазик, тоа е уставна категорија и така како што е уреден со Уставот“, изјави Костадиновски.
Тој посочи дека Уставниот суд не ја оспорува суштината на правото на употреба на албанскиот јазик, туку анализира конкретни законски одредби низ призма на правната сигурност и уставноста.
„Правната сигурност како фундаментален принцип на владеењето на правото налага во правниот промет да бидат јасни и прецизни норми. Пред мене е Законот за употребата на јазиците, дозволете ми само во одредбите, таа номотехника, тој wording провејува во речиси сите членови од законот, но тоа не значи дека суштината е неуставна, туку би се отсраниле неуставните одредби, на пример „и други институции“, „како сите други органи и тела“ и „други институции“, „како и во други области“, „како и сите други институции“, во правото не постои вакво нешто, не постои закон во кој ќе најдете „како и во сите други области“ зашто тогаш ќе имаме некој што е арбитер да одлучува кои се тие области. На пример, употребата на албанскиот јазик во градинка, ако тоа значи масакрирање, значи тоа е лага, невистина“, нагласи претседателот на судот.
Костадиновски особено се повика на мислењето на Венециската комисија оценувајќи дека во јавноста селективно се користат делови од препораките.
„Мислењето на Венециската комисија е многу важно за нас. Уставниот суд секојдневно носи одлуки базирајќи се на меѓународни стандарди и општо прифатени норми на меѓународното право. Лицемерство е од мислењето на Венециската комисија да се селектира она што ни одговара, а она што не ни одговара да не се истакнува. Комисијата е многу јасна, во споредба со законот од 2008 година, овој закон значително го зголемува опсегот на употребата на албанскиот јазик и тоа е за пофалба. Но истовремено вели дека во сегашни околности, доколку законот се спроведе во целост, значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, а со тоа би се појавил и ризик од сериозно нарушување на правото на правично судење“, рече Костадиновски.
Тој додаде дека Комисијата нотирала и дека законот содржи „многу нејасности во однос на неговото значење и опсег“, а Уставниот суд има обврска да интервенира секогаш кога постојат нејасни и непрецизни норми што може арбитрарно да се применуваат. Во делот за укинувањето на т.н. балансер, претседателот Костадиновски оцени дека новото законско решение претставува значително подобар концепт бидејќи, покрај соодветната и правична застапеност, го афирмира и принципот на стручност и компетентност.
„Суштината на законот е што операционализацијата на соодветната и правична застапеност сега е со закон, а не со подзаконски прописи. Уште поважно е што покрај соодветната и правична застапеност, се операционализира уште една уставна вредност – стручноста и компетентноста, односно мерит-системот. Кога тие две уставни вредности ќе се спојат, тогаш имаме добар закон. Граѓаните ќе имаат многу постручна и покомепетентна и плус правична застапена јавна администрација“, изјави Костадиновски.
Осврнувајќи се на имплементацијата на одлуките на Уставниот суд, Костадиновски истакна дека со новиот акт на судот се воведени значително посилни механизми за следење на нивното извршување.
„Со новиот акт на судот ние значително го зајакнавме механизмот за следење на извршувањето на нашите одлуки. Ако утврдиме дека некој орган не ја почитува одлуката, ќе направиме посебен извештај и ќе го известиме јавниот обвинител затоа што непочитување одлука на Уставниот суд е кривично дело, и тоа квалификувано со десет години затвор“, потенцира претседателот на судот.
Во однос на измените на Кривичниот законик, тој оцени дека државата во краток период создала дури „пет правни режими“ за едно чувствително кривично дело, што според него претставува сериозна повреда на правната сигурност и владеењето на правото.
„Ние во Уставниот суд често велиме дека честите промени на законите се тешка повреда на правната сигурност и на владеењето на правото. Имавме еден правен режим до 2004 година, потоа катастрофални измени и дополнувања, па нашата постапка, па нови измени, па можност за уште едно решение. Пет правни режими од 2024 до денес за една чувствителна област. Ако интервениравме и не ја запревме постапката, ќе создадевме правна празнина и ќе немаше кривично дело. Тоа ќе беше повик за општ грабеж“, рече Костадиновски.
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, во интервјуто говореше и за потребата од уставни измени, улогата на Уставниот суд во правниот поредок, политичките притисоци врз институцијата, како и за предметот поврзан со членот 218 и долговите на јавните претпријатија. оцени дека иако Уставот дава доволна рамка за функционирање на државата, постојат повеќе слабости и недоречености, што во иднина треба да бидат надминати. Тој посочи дека Уставниот суд преку својата пракса ја дава содржината на темелните вредности на уставниот поредок.
„Ако Уставниот суд во кој било случај на кој било нaчин го толкува плурализмот или социјалната правда или, не знам, правото на животна средина, владеење на правото, поделбата на власта, која било од овие, тоа е веќе задолжително за сите органи, и за Собранието и за судовите, не смее на поинаков начин“, изјави Костадиновски.
Тој наведе дека во Уставот постојат и конкретни „уставни празнини“ посочувајќи го примерот со т.н. џебно вето на претседателот на државата, како и можноста за автентични толкувања, кои според него претставуваат „рецидив од претходниот систем“.
„Автентичните толкувања се многу опасна работа. Правниот ефект на автентичното толкување е ретроактивен, кога ќе се даде автентичното толкување како треба да се толкува тој и тој член во тој и тој закон, тоа важи дека тој треба да се толкува така од денот кога е донесен. Тоа е рецидив од социјализмот“, изјави претседателот.
Осврнувајќи се на фактот дека државата сè уште нема закон за Уставниот суд, Костадиновски истакна дека институцијата функционира врз основа на само шест уставни одредби и актот на судот оценувајќи дека намерата на уставотворецот била да го заштити судот од политички интервенционизам.
„Мислам дека овој Уставен суд во овој состав во изминатите две години навистина постапува како што го замислил уставотворецот. Штом државните органи се нервозни и претставува проблем во нивната работа, тоа значи дека Уставниот суд добро си ја работи својата работа“, изјави Костадиновски.
Тој порача дека Уставниот суд во последните две години „храбро и сериозно“ ја извршува својата улога како коректив на другите власти и отворено зборуваше за политичките влијанија и притисоци врз институцијата.
„Јас најодговорно тврдам, нека се направи од независноста до денес, ако постои влада или законодавец, или локална власт, да има проблеми со Уставниот суд како денес, јас ќе си ја оставам својата тога и ќе си заминам, тврдам тоа значи дека Уставниот суд сериозно и храбро си ја врши својата работа и им одолева на политичките притисоци, тоа е реалност“, рече претседателот Костадиновски.
За предметот поврзан со членот 218 и долговите на јавните претпријатија, претседателот на Уставниот суд предупреди дека евентуалната одлука може да има сериозни последици врз државниот систем и економијата.
„Последиците од нашата евентуална одлука може да бидат катастрофални, дури и од катаклизмични размери, бидејќи долговите на јавните претпријатија се приближно една милијарда евра“, истакна Костадиновски.
Тој нагласи дека државата мора да воведе финансиска дисциплина и да стави крај на неодговорното работење на јавните претпријатија.
„Не може јавните претпријатија да се однесуваат неодговорно и комотно, а приватни компании да пропаѓаат затоа што не може да си ги наплатат долговите. Мора државата да најде некој начин како да се справи со ова или со партиската превработеност за тие да земат плата, на пример, приватна компанија треба да пропадне, мора да се стави крај на ова“, порача претседателот Костадиновски.
Претседателот ја нагласи потребата од воведување уставна тужба, оценувајќи дека Македонија е единствена држава во Европа со толку ограничен опсег на непосредна уставно-судска заштита.
„Сите уставно загарантирани права, доколку би уживале непосредно уставно-судска заштита, односно воведување нуставна тужба, огромни ќе бидат бенефитите. Прво, нема да губиме многу случаи во Стразбур. Второ, граѓаните ќе може да ги остваруваат своите права, а трето, Уставниот суд ќе прави еден вид стандардизација на човековите права, која ќе биде задолжителна за редовните судови. Тоа значи дека редовното судство ќе биде поуставно дисциплинирано и ќе има јасни насоки како да постапува“, истакна претседателот на судот.
Костадиновски зборуваше и за новата иницијатива поврзана со платите на судиите, при што рече дека е разочаран од барањата повторно да се интервенира во законското решение што судот претходно го оживеал.
„Ме разочара, сега ќе ви кажам од кој аспект, ние кога ја носевме одлуката за платите на судиите секако дека имавме предвид што ќе значи тоа за буџетот, намерно ја запревме постапката за законот, кој сега повторно е оспорен со нова иницијатива, за да можеме со поништувањето на новиот закон да ја вратиме во живот. За да платите на судиите бидат достоинствени. И што ме разочарува? Сега се оспорува тој закон што ние го оживеавме, односно сакаат да се врати претходниот закон, што тоа би значело ако се реални, сега јас го кажувам мојот личен став, не можам да зборам за судиите, ако хипотетички Уставниот суд интервенира во овој закон сега што ни го оспоруваат, тогаш платите на основните судии на апелациските судии, односно коефицинетот на платите ќе дојде на нивото на претседателот на државата, на премиерот на државата, на спикер, дали е тоа реално? Не е“, рече Костадиновски.
Во делот за колективниот договор во културата, претседателот на Уставниот суд нагласи дека судот постапува исклучиво врз основа на уставно-правни аргументи и дека постојат сериозни сомнежи оти со договорот се уредува материја што може да се регулира само со закон.
„Целиот јавен сектор е во идентична фактичка и правна положба. Е како тоа во културата со колективен договор имате три години платено отсуство за докторски студии, а во ниедена друга област од јавниот сектор го нема тоа право. Дали граѓаните се еднакви пред Уставот и законите? Не“, изјави Костадиновски.
Во интервјуто претседателот на Уставниот суд упати и поширока порака за состојбите во државата и владеењето на правото.
„Не може до пладне устите да бидат полни со европски вредности и стандарди, а после пладне, идеме на балкански начин. Резултатот е ова што го живееме денеска. Дали владеењето на правото е на завидно ниво? Не е“, порача Костадиновски.
мај 8, 2026

