Свет
Во Торино судири меѓу активисти и полицијата за време на првомајскиот марш
Во Торино денеска за време на традиционалниот првомајски марш дојде до судири меѓу демонстрантите и италијанската полиција во близина на поранешниот социјален центар Аскатасуна во квартот Ванкиља.
Според извештаите, околу илјада луѓе, меѓу кои и припадници на левичарски автономни групи и активисти поврзани со Аскатасуна, се одвоиле од главната колона и тргнале кон Ванкиља, надвор од најавената рута, пренесува Torino Today. Полицијата интервенирала со употреба на водени топови и солзавец за да ги раздвои собраните.
За време на судирите демонстрантите фрлале шишиња врз припадниците на органите на редот.
Група демонстранти успеала да ја отвори капијата на градината на поранешниот центар, по што полицијата одговорила со солзавец. Демонстрантите потоа продолжиле да се движат низ улиците на квартот со намера да се приближат до задниот дел на објектот.
Во обраќањето до медиумите, учесниците во колоната истакнаа дека со својата акција сакаат да го искажат незадоволството од политиката на власта и поддршката на социјалните движења, нагласувајќи дека не се работи само за симболичен протест, туку за продолжување на отпорот против, како што наведоа, „неправедниот систем“.
– Денес избираме страна пред неправдата, одиме кон Ванкиља. Градот нè научи да не ја трпиме неправдата во тишина. Од 18 декември постои рана која крвари – центарот Аскатасуна е испразнет. Денес избираме да бидеме партизани. Напред истакнаа претставниците на демонстрантите преку мегафон.
Социјалниот центар во Торино Аскатасуна, што на баскиски јазик значи „слобода“, беше основан во 1996 година. Центарот беше главно упориште на радикалната левица и движењето „Автономија“ во Италија. Познат е по антифашистички и антикапиталистички активизам.
По долгогодишни правни битки, италијанските власти го евакуираа и затворија објектот во декември 2025 година, што предизвика масовни протести и немири во Торино на почетокот на годинава.
До затворањето дојде поради истрага за насилни напади врз просториите на весникот Стампа, и компанијата Леонардо од секторот на одбраната, за време на пропалестински, антикапиталистички и анархистички демонстрации.
мај 2, 2026

