Свет
Крозето: Не гледам причина САД да ги повлекуваат војниците од Италија
Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето изјави дека не гледа причина Соединетите Американски Држави да го намалат своето воено присуство во Италија, по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можна ревизија на распоредот на трупите.
– Не би ги разбрал причините за такво нешто. Јасно е дека не сме ја користеле Ормуска Теснина. Дури понудивме и мисија за заштита на пловидбата, што американската војска високо го оцени – изјави Крозето, пренесува агенцијата „Анса“.
Реакцијата следува откако Трамп изјави дека Вашингтон може да разгледа намалување на воените контингенти во странство, вклучително и во Италија и Шпанија. На прашањето дали таквата одлука би била поврзана со критиките кон Рим и Мадрид, Трамп одговори: „Зошто да не го направам тоа?“.
Американскиот претседател ја обвини Италија дека „воопшто не помогнала“, додека за Шпанија рече дека се однесувала „ужасно“ во однос на политиката кон Иран и ситуацијата околу Ормуска Теснина.
Италијанската влада настојува да покаже дека не ги довела во прашање сојузничките односи со САД, но истовремено нагласува дека почитувањето на меѓународните договори не подразбира автоматско вклучување во војна.
Крозето и претходно истакнуваше дека Италија е членка на НАТО, но дека не е во војна со Иран.
мај 2, 2026

