Connect with us

Свет

Санчез: Израел го крши меѓународното право со нападот врз флотилата

Шпанскиот премиер Педро Санчез предупреди дека Израел повторно го прекршил меѓународното право со пресретнување и задржување активисти на море, повикувајќи ја Европската Унија да го суспендира договорот со оваа земја.

„Израел повторно го крши меѓународното право со напад врз цивилна флотила во води што не му припаѓаат“, напиша Санчез на социјалната мрежа Икс.

Израелската војска во ноќта меѓу средата и четвртокот, во меѓународни води пред Грција, пресретна повеќе од 20 пловни објекти и приведе 175 лица, меѓу кои и околу 30 шпански државјани.

„Нашата влада прави сѐ што е потребно за да ги заштити и да им помогне на задржаните Шпанци, но тоа не е доволно. ЕУ мора веднаш да го суспендира Договорот за партнерство и да побара од Нетанјаху да го почитува меѓународното право“, наведе Санчез.

Флотилата, составена од околу 60 пловни објекти со меѓународни активисти и хуманитарци, тргна в неделата од Сицилија во обид да ја пробие поморската блокада што Израел ја воведе во 2007 година, со цел да се воспостави хуманитарен коридор кон Појасот Газа. Израел го оцени потегот како провокација. Израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, изјави дека војниците постапуваат „професионално и решително“ против „група заблудени агитатори“.

Останатите 32 пловни објекти ја продолжуваат пловидбата кон Газа, меѓу кои и бродот „Ширин“ со десетчлена екипа и хрватската капетанка Морана Миљановиќ. Се очекува конвојот да се прошири со дополнителни бродови од Грција и од Турција.

Шпанија и уште десет земји, меѓу кои Бразил, Колумбија, Турција и Јужна Африка, објавија заедничка декларација со која бараат итно ослободување на активистите. Во декларацијата се наведува дека израелските напади врз бродови и незаконското задржување хуманитарни активисти во меѓународни води претставуваат јасно кршење на меѓународното право и на меѓународното хуманитарно право. 

Маркетинг
Ad 1
Ad 4