Свет
Илјадници студенти и ученици протестираа во Чешка против реформата на јавните медиуми
Илјадници ученици и студенти од повеќе од 200 училишта и факултети во Чешка денеска излегоа на улиците под паролата „Не ги даваме медиумите“, протестирајќи против намерата на Владата на премиерот Андреј Бабиш да ја намали независноста на јавниот радиодифузен сервис преку укинување на претплатата и воведување буџетско финансирање под владина контрола, со помалку средства од досега.
Протестот и петицијата „Не ги даваме медиумите“ ги организираа студенти од Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет, а симболично започнаа во пет до 12 часот.
Студентите и учениците, како и синдикатите, раководството на јавниот сервис и опозицијата, предупредија дека предлог-законот на Министерството за култура го менува системот на финансирање така што Чешката телевизија и Чешкото радио во иднина би се финансирале од буџет за кој одлучува Владата.
Веќе за следната година се предвидуваат значително помалку средства од оние што сервисите ги добиваат преку претплата, што претставува опасен притисок врз нивната независност.
Јавниот сервис има клучна улога во обезбедување проверени информации, борба против дезинформации и заштита на јавниот интерес.
Студентите предупредија дека младите ќе бидат генерацијата што ќе ги почувствува последиците од задушувањето на независните медиуми.
Најмасовниот протест се одржа во Прага, каде што напладне на плоштадот „Јан Палах“, пред Филозофскиот факултет, се собраа околу 5.000 студенти и ученици, според организаторите.
– Ја повикуваме Владата да го повлече предлогот. Медиумите треба да им служат на граѓаните, а не на политичката власт – изјави еден од организаторите, Томаш Страњик, повикувајќи на поддршка на петицијата.
Демонстрантите се упатија кон Министерството за култура и удирајќи по вратите побараа да излезе министерот.
Синдикатите на јавните сервиси најавија подготвеност за штрајк доколку Владата продолжи со промените, а поддршка добија и од раководството на информативната програма.
Генералниот директор на Чешкото радио, Рене Заворал, претходно го критикуваше предлогот како обид за слабеење на јавниот сервис и преземање политичка контрола.
– Една од придобивките на Кадифената револуција беше создавање што понезависни јавни медиуми од државата. Буџетското финансирање секогаш е чекор назад – изјави Заворал.
Премиерот Бабиш го брани моделот, наведувајќи дека го применуваат 17 членки на ЕУ, додека министерот за култура Ото Клемпиж најави можност за дополнителни гаранции за уредувачката независност.
Јавните медиуми, особено Чешката телевизија, со години се мета на критики од Бабиш, кој смета дека наместо да ги истакнуваат успесите на Владата, тие се фокусираат на афери, вклучително и оние поврзани со него.
Поранешната еврокомесарка Вера Јоурова оцени дека предлогот создава впечаток дека се урива функционален систем и се ликвидира јавниот сервис.
Таа потсети дека во ЕУ постои тренд на нарушување на независноста на медиумите и предупреди дека Чешка се приближува кон таква состојба.
Според анкетите, само 33 отсто од Чесите имаат доверба во медиумите, но довербата е поголема во јавните сервиси – 57 отсто во Чешкото радио и 48 отсто во Чешката телевизија. Истражување од минатата година покажало дека 77 отсто од граѓаните сметаат дека независните јавни медиуми се неопходни за демократско општество.
април 23, 2026

