Свет
Иран соопшти дека не е планирана нова рунда преговори со САД
Иран нема планови за нова рунда преговори со Соединетите Американски Држави – изјави денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи.
– Не е донесена никаква одлука во врска со ова прашање – рече портпаролот Есмаил Багаи на прес-конференција во Техеран, пренесе ДПА.
Прекинот на огнот меѓу Иран, САД и Израел, кој стапи во сила на 8 април, треба да истече в среда, при што следните чекори засега не се јасни.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера изјави дека американски претставници денеска ќе пристигнат во Исламабад за понатамошни разговори.
Маратонските преговори меѓу Иран и САД одржани во Исламабад на 11 април завршија без договор за крај на војната откако двете страни не успеаја да ги усогласат разликите околу Ормуската Теснина и иранската нуклеарна програма.
април 20, 2026

