Општини
Координативен состанок во ЦУК за превенција од шумски и пожари на отворен простор
Во Центарот за управување со кризи денеска се одржа координативен состанок на субјектите од системот за управување со кризи, на кој во фокусот беа раното предупредување и превенцијата од пожари на отворен простор и шумски пожари, соопштуваат од ЦУК.
Како што соопштуваат од ЦУК, на состанокот, директорот на ЦУК, Мухамет Али, заедно со претставници на надлежните институции, разговарале за тековните состојби, преземените превентивни мерки и активностите поврзани со справувањето со ризиците од пожари на отворен простор и шумски пожари.
„Во фокусот на дискусијата беа расположивите човечки и технички капацитети, како и потребата од брза, навремена и координирана реакција на локално, регионално и национално ниво“, се вели во соопштението од ЦУК.
Целта на средбата, како што дополнуваат, била зајакнување на меѓуинституционалната координација, подобрување на комуникацијата и прецизно дефинирање на приоритетите за ефикасна превенција и одговор при пожари од пошироки размери.
април 15, 2026

