Connect with us

Општини

Реконструкција на спортската сала „Гемиџии“ во Велес и нов современ семафор

Во спортската сала „Гемиџии“ во Велес наскоро ќе започне внатрешна реконструкција на соблекувалните и тоалетите, како и изградба на два нови тоалети за лица со инвалидитет. Паралелно ќе се изврши и целосна замена на електричната и водоводната инсталација.

Како што информира директорот на ЈП „Парк спорт“, Златко Стојковски за МИА, градежните работи се очекува да започнат во текот на месецов, а за нив се обезбедени средства во висина од 15.069.238 денари од Владата преку Министерството за спорт.

Во меѓувреме, со владини средства е во тек и реконструкцијата на атлетската тартан патека на фудбалскиот стадион „Зоран Паунов“ во Градскиот парк во Велес, која се очекува да биде завршена до крајот на мај.

Како што информира Стојановски, веќе заврши и монтажата на новиот семафор во спортската сала „Гемиџии“ за следење на натпреварите. Станува збор за современ систем со дисплеј и напредна апликација која ги исполнува светските стандарди за мерење време и евиденција на резултати во повеќе спортови. Семафорот е универзален и може да се користи за кошарка, одбојка и мал фудбал.

– Апликацијата што ја содржи семафорот е меѓу најсовремените што  ги имаат само две-три спортски сали во Македонија. Таа ќе овозможи,  салата „Гемиџии“ да биде рангирана според повисоки стандарди кои што се барани за одигрување на меѓународни спортски натпревари во кошарка, одбојка, мал фудбал. Сето тоа ќе има за цел  и  одржување на манифестации од висок европски ранг,а какви што порано се одржуваа во оваа велелепна спортска сала изгаредена на почетокот на 80 – тите година на 20 век, појасни Стојковски.

Новиот семафор чини 595.900 денари (околу 9.690 евра), а средствата се обезбедени од буџетот на Општина Велес. Се очекува да биде ставен во функција за околу две недели.

Стариот семафор нема да биде демонтиран, туку ќе остане во употреба, при што двата семафори ќе бидат поставени на спротивни страни од салата.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3