Connect with us

Свет

На Германците им е потребна дозвола од Бундесверот ако одат во странство подолго од три месеци

Секој Германец на возраст од 17 до 45 години кој планира да остане во странство повеќе од три месеци мора да побара дозвола од Бундесверот (армијата). Ова е предвидено со ревидираниот закон за воена служба, усвоен во почетокот на годинава, а кој донесе значајни промени за милиони мажи во Германија, пишува весникот Велт.

Иако минатогодишната дебата за Законот за модернизација на воената служба главно се однесуваше на повторното воведување на задолжително задолжителна регрутација за млади мажи, сега станува јасно дека промените имаат многу пошироко влијание. Еден член од законот, кој е во сила од јануари, теоретски би можел да влијае на животите на милиони Германци, пренесува Индекс.хр.

Според него, мажите на возраст од 17 до 45 години имаат право да ја напуштат Германија само за период подолг од три месеци со дозвола од вооружените сили.

Оваа одредба не е сосема нова, постоеше и во претходните верзии на законот, но се применуваше само во вонредна состојба  или за одбрана. Бидејќи таква состојба не беше прогласена, обврската во пракса не се применуваше. Сепак, најновиот амандман ја прошири нејзината примена и во мирнодобско време.

Законот за воена служба буквално вели: „Машките лица над 17 години мора да добијат дозвола од надлежниот Кариерен центар на Бундесверот ако сакаат да ја напуштат Сојузна Република Германија повеќе од три месеци (…)“. Дозвола е потребна и ако престојот во странство треба да се продолжи на повеќе од три месеци или ако веќе одобрено отсуство треба да се продолжи.

Сепак, малку е веројатно дека повеќето од оние засегнати од законот се свесни за оваа обврска, а рокот од три месеци лесно се достигнува, на пример со студирање во странство за еден семестар или со земање долго неплатено отсуство, наведува Велт.

Сојузното министерство за одбрана ја потврдило оваа информација како одговор на барање од германската новинска агенција ДПА. Портпарол на министерството објасни дека Бундесверот мора да има увид во тоа кој е во странство подолго време во случај на вонредна состојба.

Министерството не открива колку барања за такви дозволи се примени од почетокот на годината, но најави дека се работи на поконкретни одредби за исклучоци од обврската за добивање дозвола со цел да се избегне непотребна бирократија.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4