Connect with us

Култура

Промоција на книгата „Антологија на античката лирика“ во издание на „Чудна шума“

На Филозофскиот факултет во Скопје денеска ќе се одржи промоција на книгата „Антологија на античката лирика“ во издание на „Чудна шума“. 

„Антологија на античката лирика“ претставува обемен избор од песни кои се создадени во Античка Хелада и Рим, препеани од старогрчки и латински од Елена Колева, Љубинка Басотова, Даниела Тошева, Војислав Саракински, Валериј Софрониевски, Светлана Кочовска-Стевовиќ и Методија Тасевски.

Приредувачи на делото се проф. д-р Весна Томовска, проф. д-р Даниела Тошева и проф. д-р Војислав Саракински. Промотор ќе биде проф. д-р Ратко Дуев, а ќе се обрати и деканот на филозофскиот факултет проф. д-р Оливер Бакрески.

Песните се пренесени во препев, најчесто во автентичниот ритам на кој се составени старогрчките и латинските оригинали, кои биле пеени во придружба на инструменти или рецитирани, исто така, со музичка придружба. Станува збор за еден разновиден корпус во кој се опфатени речиси сите досега преведени и објавени песни од антиката на македонски јазик, кој е дополнет со нови препеви на песни пронајдени на папируси или на други медиуми, а кои не се дел од постарите изданија. Со тоа, ова издание создава целина што првпат ја обединува поетската традиција на античкиот свет.

Во воведните студии и белешки за Хеленската лирика, чиј автор е Весна Томовска (со исклучок на означените делови напишани од Елена Колева), се разјаснуваат жанровите и книжевните контексти на античката лирика – елегијата, јамбографијата, меликата и хорската песна – како и нивното влијание врз подоцнежните книжевни периоди. Воведите за Хеленистичка лирика и Римска лирика се дело на Даниела Тошева, која ги разработува особеностите и развојните линии на поетските школи во доцната антика.

-Античката лирика не дошла до нас како корпус зачуван во целост, туку како збир од зачувани фрагменти, често со посредство на подоцнежни автори, папирусни наоди и различни уреднички избори. Според тоа, секоја антологија е нужно и некаква интерпретација која воспоставува канон, предлага читање и ја обликува рецепцијата. Со ова издание сакавме да го прикажеме овој разнообразен материјал на македонски јазик во што е можно поконзистентен и филолошки совесен облик, водејќи сметка и за метричката, и за семантичката страна на оригиналите. Иако лирските текстови се жанровски условени и реторички обликувани, а понекогаш дури и конвенционализирани, тие сепак носат значаен белег од историскиот контекст во кој настанале. Токму преку тие поетски кодови се насетуваат општествените односи и вредносните системи на нивното време – вели Саракински, еден од приредувачите на антологијата и автор на дел од препевите.

Тошева, приредувач на делото и автор на дел од препевите, посочува дека иницијативата за овој проект дошла од Институтот за историја, иако Античката лирика како предмет се изучува на Институтот за класични студии.

Таа посочува дека со ова издание, за првпат, на едно место се обединуваат текстови што досега биле расфрлани низ различни извори, со што многу полесно ѝ се отвора можност на пошироката публика да се запознае со антиката и да увиди дека античката лирика не се само песни, туку и важен прозорец кон историјата, општеството и самосвеста на еден народ.

Дуев, како промотор и рецензент на делото, вели дека антологијата на античката лирика е дело што нè враќа кон изворот и оти во неа читаме стихови од минатото во кои се опеани длабоките човекови чувства: љубовта, минливоста и ранливоста.

Според него, Вредноста на ова издание е токму во тоа што ни го доближува гласот на античкиот свет на современ македонски јазик, притоа донесува и стихови што досега не биле препеани на македонски јазик.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3