Connect with us

Свет

Федоров: Почнаа да дејствуваат единици на украински компании за противвоздушна одбрана

Министерот за одбрана на Украина, Михајло Федоров, денеска изјави дека почнале да дејствуваат првите единици за противвоздушна одбрана формирани во компаниите. Тој најави и формирање единици за противвоздушна одбрана во уште 13 компании.

Владата на Украина минатата година одобри енергетските, комуникациските и транспортните компании да купуваат и користат опрема за противвоздушна одбрана за поефикасна одбрана од руските воздушни напади.

Единиците составени од вработени во компаниите се опремени со оружје, работат во координација со воздухопловните сили и се интегрирани во поширокиот систем за противвоздушна одбрана.

– Досега неколку дронови се соборени во регионот Харков, вклучувајќи ги моделите „Шахед“ и „Залада“ – објави Федоров на „Телеграм“.

Тој додаде дека единиците се во разни фази на подготвеност, при што некои веќе активно работат, а други сè уште се во фаза на обука. Но Федоров не наведе кои компании учествуваат во програмата.

– Ова е решение на системско ниво, што овозможува брзо проширување на противвоздушните капацитети, без да претставува дополнителен товар за единиците на првата линија – истакна Федоров.

Русија користи борбени дронови за напад на украински индустриски и енергетски објекти и лансира стотици секој ден, од кои повеќето се пресретнати од украинските сили за противвоздушна одбрана. Според украинската армија, Русија синоќа лансирала 164 дрона кон Украина, од кои 150 биле пресретнати.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4