Connect with us

Свет

Првиот човек на нафтената компанија „Шел“: Европа може да остане без горива за неколку дена

Европа веќе следниот месец би можела да се соочи со недостиг на горива доколку дојде до продлабочување на кризата на Блискиот Исток, предупреди извршниот директор на нафтената компанија „Шел“, Ваел Саван.

Тој изјави дека глобалниот недостиг на нафта и гас веќе принудил делови од Азија да ја намалат потрошувачката на енергенси и оти постои ризик такво сценарио во рок од неколку дена да се прелее кон Запад.

Поради тоа, европските влади би можеле да бидат приморани да ја ограничат побарувачката за енергија за да спречат недостиг, мерка што не е преземена од енергетската криза во 2022 година, пишува лондонски „Телеграф“.

Откако Иран го затвори Ормускиот теснец, во Заливот блокирана остана приближно петтина од светските резерви на нафта и течен природен гас. Воени извори во Лондон вчера соопштија дека Обединетото Кралство ги предводи напорите за повторно отворање на таа клучна трговска рута, при што се разгледува и можноста за користење дронови за уништување мини, а би полетувале од изнајмени цивилни пловила.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува за можна копнена инвазија на клучни острови долж иранското крајбрежје, иако вели дека со Техеран е во разговори за мировно решение.

Извори за весникот „Телеграф“ наведуваат дека потпретседателот Џеј Ди Венс се подготвува за улога на преговарач, бидејќи Иран одбивал разговори со пратениците на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Војната на Блискиот Исток влезе во четвртата недела, а Меѓународна агенција за енергија ги повика државите да ја намалат потрошувачката на нафта и гас, преку работа од дома, снижување на ограничувањата на брзината на патиштата и поголема употреба на јавниот превоз…

Во Азија, која во голема мера зависи од енергенсите од Блискиот Исток, владите веќе воведоа четиридневна работна недела, апелираа граѓаните помалку да користат клима-уреди и ги суспендираа службените патувања во странство.

Говорејќи на конференција во Хјустон, Саван изјави дека европските влади наскоро би можеле да бидат приморани на слични чекори. „Последиците се шират како бранови“, рече тој.

Пазарите се зафатени од паника, поради што цените на нафтата и гасот во последните четири недели пораснале за 40, односно 60 отсто. Во Азија тоа иницираше потрага по алтернативни доставувачи. Кина, Јапонија и Јужна Кореја се натпреваруваат со Европа за испораки од САД.

Аналитичарот Ешли Келти од компанијата „Пенмјур Либерум“ појаснува дека голем дел од американските испораки се пренасочуваат кон Азија бидејќи таму се плаќа повисока цена.

Извори од енергетската индустрија предупредуваат дека недостиг на гориво е „најлошо, но малку веројатно сценарио“ што би се остварило само ако војната меѓу САД, Израел и Иран продолжи до летото.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2