Connect with us

Свет

Вашингтон му предал на Иран план од 15 точки за прекин на војната, објавуваат американски медиуми

САД му доставиле на Иран план од 15 точки за ставање крај на конфликтот, пренесуваат светските агенции информации од американски медиуми. Со планот меѓу другото се бара од Техеран да го предаде сето нуклеарно гориво со кое располага, како и да го отвори Ормускиот теснец за пловидба.

Според весникот „Њујорк Тајмс“ и израелскиот „Канал 12“, администрацијата на Доналд Трамп своите барања го Иран ги доставила преку посредство на Пакистан, кој одржува добри односи со двете страни. Според телевизијата, американските преговарачи предложиле едномесечно примирје за иранските власти да можат да ги разгледаат нивните барања.

Меѓу 15-те точки, првите пет се однесуваат на нуклеарниот сектор -Вашингтон бара Иран никогаш да не се обидува да се здобие со нуклеарно оружје, да го предаде целото збогатено нуклеарно гориво на датум утврден од страните, како и да бидат демонтирани неколку клучни нуклеарни објекти и инсталации.

Иран ќе треба исто така да се откаже од поддршката за групи и да престане да финансира или вооружува организации како Хезболах или Хамас. Предвидени се и ограничувања за бројот на ракети со кои земјата може да располага, како и за нивниот дострел.

Дополнително, Ормускиот теснец низ кој минуваат околу 20 проценти од светските испораки фосилни горива, ќе мора да остане отворен за пловидба.

Во замена, на Иран ќе му бидат укинати меѓународните санкции и ќе има поддршка за неговата цивилна нуклеарна програма.

Засега нема официјална потврда ниту коментар од Белата куќа за информациите. Во планот не се споменуваат промени на режимот во Иран.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2