Connect with us

Свет

Орбан го осуди прислушувањето на Сијарто

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денеска го осуди „прислушувањето на член на владата“. Неговата осуда следува откога „Вашингтон пост“ пред два дена објави дека шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто ѝ пренесувал информации на Русија од Европската Унија.

Прислушувањето на член на владата е тежок напад врз Унгарија, објави Орбан на „Фејсбук“ додавајќи оти го задолжил министерот за правда да го истражи случајот.

„Вашингтон пост“, повикувајќи се на актуелни и поранешни европски безбедносни претставници, објави дека Сијарто за време на паузата на состаноците на Советот на ЕУ телефонски го известувал рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за што се дебатирало и за можните решенија. Но, весникот не наведе дека Сијарто бил прислушуван.

„Вашингтон пост“ објави и дека руските разузнавачки служби ја разгледуваат можноста да влијаат врз кампањата за парламентарните избори во Унгарија на 12 април преку симулирање обид за атентат врз Орбан.

И Сијарто на „Фејсбук“ ги демантира наводите на „Вашингтон пост“ нарекувајќи ги „апсурдна теорија на заговор“. Тој посочи дека е шокиран од „фактот што бил следен од една или повеќе странски разузнавачки служби, со активна соработка на еден унгарски новинар“.

Портпаролот на Европската комисија денеска изјави дека извештаите оти Унгарија споделува информации за ЕУ со Русија се загрижувачки додавајќи дека Брисел очекува појаснување од Унгарија.

Додека лидерот на опозициската партија Тиса, Петер Маџар, го осуди евентуалниот чин на велепредавство.

– Според сегашните информации, Петер Сијарто соработува со Русите и ги предава унгарските и европските интереси. Ова се чини дека е велепредавство, казниво со доживотен затвор – напиша Маџар на „Фејсбук“.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2