Култура
„Ова е само крајот на светот“ – премиера на Драмски театар Скопје
Драмски театар Скопје премиерно ќе ја изведе претставата „Ова е само крајот на светот“ во режија на Теа Беговска, која е прва продукција на ДТС во 2026 кога театарот одбележува 80 години постоење.
„Ова е само крајот на светот“ е семејна психолошка драма на францускиот автор Жан-Лик Лагарс, напишана во 1995 година, која првпат се поставува на сцената на Драмски.
Како што најави ДТС, се работи за активна, современа, длабоко емотивна тема за одложувањето на вистината во семејствата во кои членовите се толку блиску еден до друг физички, а секој живее во својата вселена. Претставата е хибрид на театарски и филмски елементи кои публиката ќе ги следи преку видеопроекции.
-Претставата е еден емотивен ролеркостер во која гледачите во 90 минути ќе може да ја почувствуваат илузијата на едно семејство и да посведочат како со премолчување семејството ги споделува работите, најчесто со одложување на вистината, вели актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска која го игра ликот на мајката.
Покрај неа, во актерската екипа се и Стефан Вујисиќ, Александар Степанулески, Сара Климоска и Ања Митиќ. Сценограф и костимограф на претставата е Надја Василева-Ковачовска од Бугарија, музиката е на Енес Беговски.
Првата реприза на „Ова е само крајот на светот“ е на 12 март, а наредната изведба на редовниот репертоар на театарот ќе биде на 21 март.
март 7, 2026

