Општини
Нови 40 паркинг места кај Економскиот факултет во Штип, најавени уште 300 во центарот
Почна уредувањето на паркинг просторот околу зградата на Економскиот факултет во Штип, со што ќе се обезбедат нови 40 паркинг места. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека овие паркинг места ќе им служат и на станарите, но и на вработените и студентите на Економскиот факултет.
-Овде повеќе од 40 паркинг позиции ќе бидат создадени, во функција на студентите, професорите, жителите од околните седум кули кои имаат потреба од повеќе паркинг места, 800.000 евра е предвидениот буџет за реализација на ова проширување со паркинг позиции. Морам да истакнам дека како Локална самоуправа се преземаат активности за зголемување на паркинг местата во центарот на градот со тоа што три локации се предвидени за катни гаражи. Едната катна гаража во текот на следниот месец треба да биде ставена во функција, што ќе овозможи нови 50 паркинг места кај зградата Промаја, на три нивоа. Втората катна гаража која ќе почне да се гради е веднаш позади зградата на Општина Штип-изјави Јорданов.
Тој додаде дека дополнително паркинг места ќе има и со изградба на две нови паркинг платформи на река Отиња, како и на просторот до Трговскиот центар. За неколку месеци Штип ќе добие околу 300 нови паркинг позиции во центарот на градот.
-Две нови платформи на река Отиња на позиции каде немаме уредено пешачка зона за да можеме рационално да го искористиме просторот и дополнително до Трговскиот центар се предвидува објект, кој ќе биде во функција на паркирање, односно зголемување на бројот на паркинг позиции. Севкупно со овие позиции кои ги напоменав се предвидува за неколку месеци повеќе од 300 позиции за паркирање-рече Јорданов.
февруари 27, 2026

