Connect with us

Општини

Велковски: За две недели се очекува да имаме камен темелник на Домот за стари лица во Кочани

Во следните две недели се очекува да има камен темелник за изградба на новиот државен Дом за стари лица во Кочани, најави денеска од Штип заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски. Тој истакна дека по завршување на постапката за избор на градежна фирма, сега е периодот кога треба да се даде налог за почеток на градежните активности. 

– Тоа е за поздрав и ќе биде меѓу првите објекти по 40 години што ќе биде изведен за ваков тип на намена – рече Велковски. 

Што се однесува за Домот за стари лица во Штип, кој е до фаза на карабин, Велковски вели дека градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, веќе ја има почнато постапката за преземање на овој објект под надлежност на Општината, бидејќи во моментов има статус на дивоградба и е во сопственост на Здружението на пензионери на Штип. 

– Сега процесот се враќа повторно назад да го преземе Општината како објект во владение, за да можеме да направиме нов проект, бидејќи претходниот е застарен, поминале многу години и не знаеме во каква состојба е инфраструктурата. Во тој момент кога ќе имаме готов проект, Општината ќе премине кон аплицирање за средства за капиталните проекти во рамки на Министерството за социјална политика, демографија и млади – изјави Велковски. 

Прашан дали Владата има планови за инвестирање и во други домови за стари лица низ општините во земјата, Велковски вели дека секако дека имаат, во Кратово во завршна фаза е нацрт проектот, потоа за Крива Паланка е прифатен и треба да помине на Влада во рамки на капитални инвестиции, а во Кавадарци поради технички причини е поништена тендерската постапка и за десет дена се очекува да биде реобјавен тендерот за избор на градежен оператор.

Велковски очекува во втората половина од 2026 година да имаат нови апликации од страна на општините за изградба на домови за стари лица.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1