Свет
Руската тајна служба ја класифицира платформата Телеграм како безбедносна закана
Руската разузнавачка служба – ФСБ, ја класифицира онлајн платформата Телеграм, која ја користат милиони луѓе во Русија, како безбедносен ризик, пренесува ДПА.
– Руската војска повеќепати ги загрозуваше животите на војниците користејќи ја услугата за пораки на фронтот во борбата против украинските трупи, соопшти ФСБ.
Во соопштението се вели дека има „доверливи информации оти вооружените сили и разузнавачките служби на Украина се во можност да преземат информации од Телеграм за многу кратко време и да ги користат за воени цели“.
Обвинувањата на ФСБ повторно ги поттикнуваат стравувањата во Русија дека исклучително популарната социјална мрежа наскоро би можела да биде затворена во земјата. За многу Руси, Телеграм е најважниот начин за добивање непречен пристап до информации.
Русија ја разви националната услуга за пораки Max, која е наменета да ги замени Телеграм, WhatsApp и другите мрежи.
Новата апликација е критикувана како алатка за надзор што им обезбедува на корисниците цензурирана содржина и пропаганда.
Рускиот телекомуникациски регулатор Роскомнадзор го обвинува Телеграм за непочитување на руските закони, вклучително и со тоа што не ги брише забранетите содржини.
Исто така, се вели дека платформата прави премалку против измамниците кои ја злоупотребуваат услугата за пораки за криминални цели.
Дополнително, регулаторот изјави дека Телеграм мора да обезбеди серверите што ги обработуваат податоците на руските корисници да се наоѓаат во земјата, а не во странство.
Телеграм ги негира таквите обвинувања.
февруари 21, 2026

