Општини
Во 2025 во Велес и Велешко зголемени заразните заболувања споредено со претходната година
Во изминатата 2025 година бил зголемен бројот на заразни заболувања на лица од Велес и Велешко во кој влегуваат трите општини: Велес, Градско и Чашка. Најголем број на заразни заболувања биле со варичела или „овчи сипаници“ и тоа 398 и тоа најмногу кај децата од школска и претшколска возраст, наспрема само 102 заболени во 2024, е посочено во годишниот извештај на ЈЗУ Центар за јавно здравје, што го подготви д-р Бојан Тодоровски епидемиолог, а го презентира пред членовите на Советот на Општина Велес.
Од цревни заразни заболувања лани имало 499 болни, а во 2024 година 271 или скоро двојно помалку.
Тој информира дека во 2025 заболени од грип биле 976, што е повеќе за 227 болни од 2024 година кога биле регистрирани 749, а имало и еден починат од последици од грип.
Што се однесува на заразната болест шуга лани имало 24 болни што е помалку за осуммина од 2024 година кога биле регистрирани 32 заболени.
Д-р Тодоровски информира дека лани имало и 11 случаи на сексуално преносливата болест хламидија, која може да предизвика стерилитет, а имало регистрирани и четири случаи со ХПВ. Тој појасни дека ХПВ инфекцијата е сексуално пренослива болест, предизвикана од хуман папиломавирус. Може да предизвика рак на грлото на матката кај жените и се поврзува со малигни заболувања и на други органи во телото.
февруари 19, 2026

