Connect with us

Култура

Агенцијата за филм со штанд и светска премиера на македонски филм на Европскиот филмски маркет и на Берлиналето

Агенцијата за филм и годинава учествува на Европскиот филмски маркет (EFM), кој се одржува од 12 до 18 февруари во рамките на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин – Берлиналето. Претставувањето ќе биде преку промотивен штанд поставен во музејот „Гропиус Бау“, централната локација на индустрискиот сегмент од фестивалот.

Македонската делегација на маркетот ќе ги претстави најновите филмски остварувања и актуелни проекти, а предвидени се и многубројни средби со можни меѓународни партнери со цел развивање копродукциски соработки. За таа цел подготвени се промотивен каталог и дополнителен материјал.

Особено значајно е учеството на македонскиот филм „17“ во режија на Косара Митиќ, кој е селектиран во програмата „Перспективи“ на Берлиналето – секција што ги претставува најдобрите долгометражни дебитантски филмови. Светската премиера ќе се одржи на 18 февруари во 19 часот во киното „Блумакс“ на Потсдамер плац, една од најрепрезентативните фестивалски локации. Филмот ќе има вкупно пет проекции на разни фестивалски точки во Берлин.

Од Агенцијата истакнуваат дека изборот на дебитантско дело на млада македонска режисерка ја потврдува креативната енергија на новата генерација автори и важноста на институционалната поддршка за современите филмски продукции.

„17“ е продукција на „Црна мачка продукција“, со финансиска поддршка на Агенцијата за филм, а е копродукција со „Арт & попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Филмот е поддржан и од филмските центри на Србија и Словенија, SEE Cinema Network, како и преку CineLink – Work in Progress на Сараевскиот филмски фестивал.

Покрај физичкото присуство во Берлин, Агенцијата ќе биде активна и преку онлајн-платформата на EFM овозможувајќи им на професионалците што не присуствуваат лично да ги следат сите активности.

Европскиот филмски маркет се смета за еден од најзначајните филмски пазари во светот, а континуираното учество на Агенцијата за филм обезбедува поголема видливост на македонските автори и продукции, зајакнување на меѓународната соработка и пристап до нови извори на финансирање, со што се поттикнува развојот на домашната филмска индустрија.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3