Останати спортови
Шахистите на Алкалоид по 13. пат во низа шампиони на Македонија

Во драматична завршница ШК Алкалоид вчеравечер се спасија од пораз на мечот со Мулти Есенс во последното, седмо коло од Екипното првенство на Македонија. Нерешените 3:3 на Алкалоид му беа доволни да ја освои својата 27. титула, сметано од 1992 година до денес, при што 13-та во низа.
Жррепката сакаше најтрофејниот шаховски колектив на Македонија токму на крајот да игра со младите играчи кои потекнуваат од школата на Алкалоид, но мечот се претвори во можност за сензација, откако резултатот беше 3:1 за ШК Мулти Есенс по четири завршени партии. Сепак Филип Панчевски и Тони Лазов на крајот освоија по цел поен за нова титула на Алкалоид.
Со шест победи и еден нерешен меч Алкалоид заврши прв на табелата (13 бода), ШК Мулти Есенс е втор со 12 бода (5 победи и два нерешени меча).
Со години наназад друг клуб беше наш ривал во борбата за првото место, па откако беше обезбедена таа победа во 4. коло, надвладеа оптимизмот дека работата е завршена. Во меѓувреме младинците од ШК Мулти Есенс играа сѐ подобро од меч во меч и стекнаа голема самодоверба. Тие имаа сѐ што ѝ е потребно на една екипа за успех и навистина ја направија борбата за титулата драматична. Уште еднаш се покажа дека титулите и рејтингот не играат сами, туку победите ги носат играчите кои ќе останат смирени и фокусирани во текот на целата партија и нема да направат грешки. Оваа титула на ШК Алкалоид се должи само на искуството на играчите, кои подобро се снајдоа во последните минути од мечот, додека за ШК Мулти Есенс ова второ место сигурен сум дека има вредност како да се први, бидејќи лани влегоа во елитното друштво и оваа година имаа цел да изборат опстанок, а се случи сензација – изјави ВМ Драган Јаќимовиќ, капитен на ШК Алкалоид.
За шампионскиот тим на Алкалоид, покрај интернационалците ВМ Александар Инѓиќ (актуелен Европски Шампион) и ВМ Велимир Ивиќ на првите две табли, настапија уште и ИМ Филип Панчевски, ИМ Емил Ристески, ИМ Тони Лазов и „велемајсторската гарда“ составена од ВМ Трајко Недев, ВМ Звонко Станојоски и ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.
Целосната доминација на ШК Алкалоид на овогодинешните шампионати е комплетирана, со оглед дека претходно женскиот тим на ШК Алкалоид ја освои титулата кај дамите.
август 11, 2025