Connect with us

Култура

Филмот „Мајка вештерка“ прикажан на фестивалот во Ротердам

Филмот  „Мајка вештерка“ („Motherwitch“) во режија на Минос Папас, копродукција меѓу Кипар, Северна Македонија и САД, беше прикажан во официјалната селекција на годинашниот Меѓународен филмски фестивал во Ротердам. Како што известува пиар-тимот, по проекцијата екипата на филмот беше поздравена со долг аплауз и голем број прашања од гледачите за режисерот и актерите.

Филмот е приказна за Елени (улогата ја толкува Маргарита Захариу), сликарка која во несреќа ги губи трите деца. Проколната од соселаните таа се повлекува, ги пали своите слики и детските играчки и започнува забранет ритуал за кој верува дека може да ги врати нејзините деца. Вкоренет во кипарскиот фолклор, филмот го користи митот како емотивен јазик за тага и трансформација. 

Како што е наведено во соопштението, пежисерот Папас изјави дека е голема чест што филмот имаше светска премиера на овој фестивал затоа што, рече, е неверојатен и има мошне едуцирана публика. Смета дека денеска е голем предизвик да се обезбедат финансиски средства за снимање филм бидејќи е тешко да се продаде филм, особено од неанглиско јазично подрачје.

-Во поглед на финансирањето многу сум благодарен на Министерството за култура на Кипар и на Агенцијата за филм на Македонија за поддршката, но, секако, и на приватните инвеститори од Кипар и САД кои проценија дека филмот вреди да се снима и дадоа поддршка, рече Папас.

Продуценти на филмот се Константинос Никифору, Минос Папас и Дарко Попов / Caretta Films, Cyprian Films New York, „Фокус покус филмс“). Нашиот продуцент Дарко Попов посочи дека „Мајка вештерка“ е втора соработка помеѓу Македонија и Кипар, покрај тоа што сега како земја копродуцент се вклучени и САД.

-Првата соработка беше филмот „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески. Јас и продуцентот Константинос Никифору доаѓаме од мали земји со слабо развиени кинематографии, но со заеднички сили успеваме да создадеме филмски дела кои се препознатливи од страна на светскиот филмски естаблишмент и преку тоа да ги презентираме културите на нашите земји пред огромен аудиториум. Би сакал да се заблагодарам на Агенцијата за филм на Македонија за поддршката и да ја истакнам важноста и одговорноста која тие ја имаат: да препознаат квалитет во проектите кои ги финансираат уште врз база на сценарио. Таквата позиција секако носи огромен ризик, но и придобивки за развојот на националната култура и уметност, изјави Попов.

Дел од филмската екипа е Горан Игњатовски, кој заедно со Филип Петровски беа задолжени за извонредната маска и шминка во филмот. Кинематографер на филмот е Џек Мекдоналд, кој изјави дека работата на овој филм за него била задоволство и еден вид авантура.

-Имавме многу креативни предизвици, но имав одличен тим од Македонија: Иван Ѓоршев како гафер и Јагор Стојковиќ како бест бој во сектор светло и Дејан Богоевски и Андреј Неделковски како прв и втор асистент на камера. Најтешко беше снимањето на ноќните екстериерни сцени, но момците од Македонија завршија навистина фантастична работа. Ефектот со црвените очи кај децата, налик на оној во „Blade Runner“, го постигнавме без употреба на визуели ефекти – со помош на огледало во кое светлината ја насочивме под агол од 90 степени. Ни беа потребни повеќе обиди, но на крајот успеавме, раскажа Мекдоналд.

Според соопштението на пиар-тимот,  македонската публика ќе може да го види филмот „Мајка вештерка“ во втората половина на 2026. Планирано е премиерно да биде прикажан на некој од поголемите фестивали во Македонија, а веднаш потоа ќе се прикажува и во киносалите. На ВОД-платформите би бил достапен кон крајот на 2026 година. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 1