Општини
Министерот Ристовски и градоначалникот Јанков го предадоа во употреба мултифункционалното игралиште во струмичката гимназија
Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Струмица Петар Јанков, денеска го предадоа во употреба мултифункционалното игралиште во Гимназијата „Јане Сандански“ во Струмица.
Според министерот Ристовски, низ државата се отворени многу мултифункционални игралишта и сега во Струмица, зашто, како што рече тој „со години Струмица беше запоставувана и не се градеа такви игралишта кои се од големо значање и за учениците и за сите кои сакаат да рекреираат“.
Министерството за спорт се одлучи во одлична соработка и комуникација со градоначалникот и директорката да го реконструираме и нормално да го предаме во употреба на училиштето и на сите ученици и рекреативци кои ќе сакаат да го користат. Без добра координација, нормално, не може да се заврши ниту една работа како што треба, рече министерот Ристовски.
Градоначалникот Јанков истакна дека е поставена модерна полипропиленска подлога, нови спортски реквизити за кошаркарското, фудбалското и одбојкарското игралиште, има соодветно оградување на просторот меѓу фудбалското и кошаркарското игралиште и е поставена трибина.
Наше е, заедно Општината и ЈП „Паркиралишта Струмица“ да извршиме и дополнително осветлување на овој спортско-рекреативен центар за да може граѓаните да го користат и во ноќни услови. Овие игралишта, претежно се наменети за учениците на гимназијата, но и за рекреативни потреби на нашите сограѓани. Овде нема да застанеме, ќе имаме реконструкција и изградба на нови училишта, како во градот така и во населените места. Изразувам голема благодарност до министерот Борко Ристевски за разбирањето за овој проект и за реализацијата од негова страна, изјави градоначалникот Јанков.
Директорката на Гимназијата, Зорица Витанова, додаде дека мултифункционалното игралиште е од големо значење за училиштето, пред се за унапредувањето на наставата по спорт и спортски активности.
Сега нашите ученици, но и сите млади од Општината ќе имаат место кадешто ќе можат да ги развиваат своите спортски таленти, ќе можат да развиваат силен спортски дух и ќе можат корисно и на здрав начин да го поминуваат своето слободно време, рече директорката Витанова.
Инаку, реконтрукцијата е финансирана од Министерството за спорт во износ од 7 милиони денари со поддршка од Општина Струмица.
јануари 26, 2026

