Хроника
Пет лица лишени од слобода поради возење под дејство на алкохол, едно предизвикало и сообраќајна несреќа
Министерството за внатрешни работи информира дека викендов биле лишени од слобода вкупно пет лица на подрачјата на Велес, Куманово, Штип и Гевгелија, поради управување моторно возило под дејство на алкохол. Во еден од случаите било предизвикано и бегство од место на сообраќајна несреќа.
Во СВР Велес вчера 20:38 часот е пријавено дека околу 20:30 часот на улицата „Партизанска“ во Велес возач на патничко возило марка „мазда“ со неготински регистарски таблички, управувано од Ј.С. (38) од Неготино, изгубил контрола и удрил во објект, по што го напуштил местото на настанот. Возачот и возилото биле пронајдени подоцна на ул. „4 јули“, а извршената проверка покажала дека тој имал 3,15 промили алкохол во крвта. Ј.С. веднаш бил лишен од слобода.
Службеници од СВР Штип вчера во 21:55 часот го привеле З.Н. (62) од Штип, кој управувал „југо“ со штипски регистарски ознаки. Кај него биле измерени 2,74 промили алкохол, по што бил веднаш задржан.
Полициски службеници од ОВР Гевгелија на булевар „Гевгелија“ вчера во 22:35 часот, го лишиле од слобода О.П. (46) од селото Селемли, општина Богданци. Тој управувал возило „волксваген“ со гевгелиски регистарски ознаки, а кај него биле констатирани 1,54 промили алкохол.
На 25 јануари во 01:22 часот, полициски службеници на СВР Куманово на улица „3 Македонска Ударна Бригада“ го привеле Д.К. (39) од Куманово. Тој управувал „лада нива“ со локални регистарски таблички, а контрола покажала присуство од 1,62 промили алкохол.
На регионалниот пат 1109 кај браната „Паљурци“ денеска во 01:43 часот ја лишија од слобода Д.Т.М.(46) од Гевгелија. При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „мерцедес“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.М. и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,52 промили алкохол во крвта.
Од Министерството информираат дека по целосно документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
јануари 25, 2026


