Фудбал
Хартс не е загрижен од тврдењата на Вардар: Имаме договор со Мато
Шкотскиот премиерлигаш Хартс објави вечерва дека не е загрижен од тврдењата на скопски Вардар дека прифатил понуда за продажба на репрезентативецот на Уганда, Роџерс Мато, на друг клуб во јануарскиот преоден рок.
Реакцијата на шкотскиот тим доаѓа откако Вардар денеска објави дека ја прифатил понудата на американскиот Спортинг Канзас за услугите на Мато, наведувајќи дека станува збор за милионски трансфер. Ден претходно, Хартс објави дека Мато ќе се пресели во клубот од Единбург без обесштетување во јули кога ќе му истече актуелниот договор со Вардар.
Хартс минатата недела достави понуда од 300.000 фунти за непосреден трансфер на Мато, која Вардар ја отфрли, за потоа шкотскиот клуб да објави дека се согласил за тригодишен договор со напаѓачот, кој стапува на сила од јули.
„Имаме потпишан договор со играчот и опуштени сме во врска со ситуацијата“, изјави портпаролот на Хартс за шкотските медиуми.
Паралелно со ова, весникот „Хартс Стандард“ објави вечерва изјава на портпаролот на Спортинг Канзас дека американскиот клуб се откажал од трансфер на Мато.
„Спортинг Канзас Сити ја разгледуваше можноста за трансфер на Роџерс Мато, но тој одлучи да потпише преддоговор со Хартс и му посакуваме се најдобро во иднина“, изјави портпаролот на американскиот МЛС лигаш.
јануари 15, 2026


