Скопје
Саем на еколошки бизниси во рамки на фестивалот „Скопје дизајн вик“
Во Јавна соба денеска и утре ќе се одржува саемот на еколошки бизниси во рамки на фестивалот „Скопје дизајн вик 2025“ (Skopje design week 2025).
– По успешното прво издание во 2023 година, Здружението за еколошка едукација и одржливо живеење „Јес фор лес“ (Yes for less) повторно ја обединува македонската еко-заедница на вториот Саем на еколошки бизниси, што ќе се одржи денеска и утре во „Јавна соба“ (Public room), Скопје. Настанот е дел од „Скопје дизајн вик 2025“ (Skopje design week 2025), што ќе се одржи под мотото „Циркуларен начин на размислување“, појаснуваат од организацијата.
На саемот најавено е да бидат претставени природна козметика, накит од рециклирани материјали, рачно изработени производи, уникатна облека од природни и реупотребени материјали, како и други еко-алтернативи за секојдневна употреба.
– Целта е да се покаже дека еколошките производи не се само подобри за животната средина, туку и поздрави за луѓето, без вештачки бои, парфеми или штетни хемикалии, се нагласува во соопштението.
Саемот е отворен и бесплатен за сите посетители.
– „Скопје дизајн вик 2025“ и оваа година се позиционира како креативна платформа што ги поврзува дизајнот, модата, музиката, гастрономијата и одржливиот бизнис, промовирајќи иновативни решенија за регенеративен дизајн и локален развој. Во рамки на второто издание на саемот, посетителите ќе имаат можност да запознаат и поддржат 24 македонски иновативни и еколошки бизниси, кои преку своите производи докажуваат дека малите чекори водат кон големи промени, велат организаторите.
Учесниците се дел од мрежата на зелени бизниси на платформата www.yesforless.mk, што им овозможува на граѓаните да откријат еколошки навики, совети и производи на едно место.
Покрај изложбениот дел, „Јес фор лес“ најавува две тематски работилници во рамки на „Скопје дизајн вик 2025“- „Дизајн за одржливост: Користење на дождовницата во секојдневието“, „Еко-села за дигитални номади во Македонија“, поддржана од ресторанот „Кутмичевица“ од Вевчани – семеен етно пансион што ја спојува традицијата, гастрономијата и одржливиот туризам.
Настанот е поддржан од „Грин ленд груп“, лиценциран колективен постапувач специјализиран за управување со отпадни масла од автомобили и други возила.
ноември 8, 2025

