Connect with us

Општини

Николчо Стојменовски избран за претседател на Советот на Општина Делчево

Николчо Стојменовски, доктор по ветеринарна медицина, е избран за нов претседател на Советот на Општина Делчево на денешната Конститутивна седница што се одржа во мултифункционалниот центар на општината.

Во своето прво обраќање како претседател, Стојменовски се заблагодари на довербата од советниците и истакна дека новиот состав на Советот со конструктивна, посветена и искрена работа ќе даде значаен придонес во развојот на Општина Делчево. Тој порача дека конституирањето на новиот состав претставува нов почеток, нова енергија и нови предизвици, но и голема одговорност за сите избрани советници.

-Заедничката работа на Советот и градоначалникот придонесува за добри резултати. Сите заедно да работиме за една иста цел – интересот на нашите сограѓани и на Делчево. Нема ваши и наши проекти, има само добри и лоши идеи. Сите добри идеи ќе ги преточиме во вистински проекти за интересите на Делчево. Ве повикувам на заедништво и сплотеност, бидејќи Делчево е наш заеднички дом, истакна Стојменовски.

Конститутивната седница на Советот ја отвори досегашниот претседател Гоце Попов, а по него со водењето продолжи највозрасниот советник, Горан Димитровски. На седницата беа верификувани мандатите на петнаесетте новоизбрани советници, кои дадоа свечена изјава и официјално го започнаа својот четиригодишен мандат.

На седницата присуствуваше и новоизбраниот градоначалник на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кој им го честиташе мандатот на советниците и посака успешна и плодна работа. Тој им се заблагодари на досегашниот претседател и на претходниот состав на Советот за досегашната соработка и ги повика новите советници да работат во интерес на граѓаните, да бидат коректори на општинската администрација и да ги почитуваат Уставот, законите и општинските акти.

Гоцевски потенцираше дека работата на Советот треба да биде транспарентна и достапна за јавноста, најавувајќи активности за воведување е-седници со соодветно озвучување и снимање, што ќе овозможи граѓаните и здруженијата да ја следат работата на Советот.

Советот на Општина Делчево брои 15 советници. Во мандатниот период 2025–2029 година, мнозинството го предводи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со освоени 10 мандати, СДСМ и Коалицијата имаат 3 мандати, додека по еден мандат имаат Левица и ЗНАМ.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 3
Маркетинг