Општини
Во Затвор Штип право на глас имаат 221 осудено лице од 42 општини и за Град Скопје

Во Затворот во Штип во тек е гласањето на осудените лица. Жаклина Парчаклиева член на Избирачкиот одбор за Затвор Штип изјави дека гласачкото место е отворено точно во седум часот и гласањето се одвива без проблеми.
-Нашето гласачко место беше отворено точно во седум часот. Вкупно гласачи на списокот имаме 221 и досега гласањето се одвива нормално без никакви проблеми. Во затворот во Штип има осуденици од цела Македонија, изјави Парчаклиева.
Таа додава дека дека осудените лица гласаат за кандидати за градоначалник, советнички листи и за градоначалник на град Скопје. Имаат осудени лица од 42 општини. Гласањето се одвива без проблеми, откако осудените лица гласаат зад параваното, гласачките ливчиња ги ставаат во пликоа и ги пуштаат во гласачките кутии, од кои едната е за градоначалник, а втората е за советнички листи.
Гласачкото место во Затвор Штип се затвара во 19 часот.
Согласно податоците на Државната изборна комисија (ДИК) на ниво на државата денеска гласаат 2162 затвореници, од кои најмногу гласачи има во КПД Идризово 938 и во затворот во Шуто Оризари 391.
октомври 19, 2025