Connect with us

Свет

ЕК предложи Патоказ за зајакнување на европската одбранбена способност до 2030 година

Европската комисија денеска донесе одлука да им предложи на земјите членки на ЕУ усвојување на сеопфатен план за зајакнување на европската одбранбена способност насловен „Зачувување на мирот – Патоказ за одбранбена подготвеност 2030“. 

– Со подобрување на нашата колективна способност и зајакнување на соработката меѓу земјите членки, осигуруваме дека Европа е подготвена со сила и единство да се соочи со денешните и идните предизвици, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас на презентацијата на Патоказот. 

Според неа, со овој Патоказ за одбрана на ЕУ, се преземаат решителни чекори кон изградба на побезбедна и самостојна Европа.  

– Заедно, градиме посилна одбранбена рамка што ја нагласува улогата на ЕУ како столб на стабилноста на глобалната сцена, додаде Калас. 

Извршната потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен истакна дека силна одбрана е предуслов за зачувување на мирот, а сегашната одбранбена способност на Европа се уште не е толку силна колку што би требало да биде.  

– Патоказот што го презентираме денеска е предлог за промена на ваквата состојба. Во следните неколку години, предвидуваме големо градење на европски капацитети низ целата Унија, во согласност со целите на НАТО, рече Виркунен. 

Таа нагласи дека вооружени сили на земјите членки на ЕУ мора да бидат способни да предвидат, да се подготват и да одговорат на секоја криза.  

– Тука има големи можности, не само за европската одбранбена индустрија, туку и за европските земји кои ги охрабруваме да работат заедно на проекти во колективен интерес. Крајно време е економската моќ на Европа да се претвори во воена сила и тоа брзо, додаде Вуркунен. 

Според еврокомесарот за одбрана и Вселената Андриус Кубилиус, Патоказот поставува јасните цели и пресвртни точки за пополнување на празнините во капацитетите, забрзување на инвестициите во одбраната во земјите членки и насочување на напредокот на ЕУ кон целосна подготвеност за одбрана до 2030 година.  

– Зајакнувањето на одбраната на Европа, исто така, значи цврсто застанување зад Украина, додаде Кубилиус. 

Патоказот предлага четири главни компоненти на европската подготвеност: „Европска иницијатива за одбрана од дронови“, „Чувар на Источното крило“, „Европски воздушен штит“ и „Европски вселенски штит“, кои треба да овозможат зајакнување способноста на Европа да одвраќа и да се брани на копно, во воздух, на море, во кибер просторот и во Вселената и во исто време директно да придонесува кон остварување на целите на способностите на НАТО. 

Со документот се повикува земјите членки на ЕУ да го заокружат формирањето на коалиции за зајакнување на капацитетите во областите на противвоздушната и противракетната одбрана, воената мобилност, артилериските системи, кибер просторот, вештачката интелигенција, електронско војување, производството на проектили и муниција, дроновите и справувањето со нив, како и во зајакнување на способноста за борба на копно и море. 

Дополнително се предвидува и зајакнување на одбранбена индустрија на ЕУ, со цел таа да може навремено и соодветно да ги задоволи потребни на земјите членки и да го искористи целосниот потенцијал на иновациите за потребите на одбрана, вклучително и на украинските искуства.  

– Треба да се обезбеди отпорноста на синџирите на снабдување во одбраната, вклучително и со намалување на критичната зависности од суровини и други репроматеријали, се наведува во Патоказот. 

За таа цел се предлага воспоставување на поедноставен и интегриран европски пазар на одбранбена опрема до 2030 година, врз основа на хармонизирани правила што ќе овозможат индустријата да испорачува брзо и во потребниот обем.  

Патоказот, исто така, утврдува и план за воспоставување „зона на воена мобилност“ низ цела ЕУ до 2027 година, преку хармонизирање на правилата и мрежите од копнени, воздушни и морски патишта, со цел да се овозможи брзо движење на војници и опрема низ Европа. Овој план е подготвен во тесна координација со НАТО и има за цел да ја зајакне способноста на Европа брзо да реагира на кризи. 

Комисијата посочува дека Патоказот за одбранбена подготвеност се надоврзува на планот „Реворужување на Европа 2030“, чија цел е поттикнување на јавните и приватните инвестиции во одбранбената индустрија за да се овозможи поголема финансиска флексибилност за зголемување на производството.  

Предвидено е Патоказот да биде презентиран пред шефовите на држави или влади на членките на ЕУ на нивниот Самит во Брисел следниот четврток.