Формула 1
МотоГП: Бањаја ќе стартува од пол-позицијата во Јапонија

Италијанецот Франческо Бањаја (Дукати) ќе стартува од пол-позицијата на Големата награда (ГН) на Јапонија, откако беше најбрз утрово во квалификациите на патеката Мотеги.
За Бањаја ова е втора пол – позиција сезонава, а вкупно 26 во кариерата.
Шпанецот Жоан Мир (Хонда) го освои второто место што е негов најдобар квалификациски резултат од ГН на Португалија, во 2022 година.
Неговиот шпански колега Марк Маркез, кој има шанса да ја освои својата седма светска титула овој викенд, ќе ја почне трката од третата стартна позиција.
Неговиот брат Алекс Маркез (Дукати-Гресини), единствениот возач кој сè уште може да го спречи да ја обезбеди седмата светска титула во Мото ГП, ќе стартува од осмата позиција.
На Марк Маркез му се потребни три поени повеќе од неговиот брат овој викенд во Мотеги за да ја освои титулата и да му се придружи на италијанската легенда Валентино Роси со седум светски титули во Мото ГП.
Утрешната трка за ГН на Јапонија е 17. од вкупно 22. трки сезонава во Мото ГП.
септември 27, 2025