Connect with us

Општини

Општина Охрид потпиша меморандум за соработка во проектот „RECIRCLE MED“

Општина Охрид потпиша Меморандум за разбирање и соработка во рамки на меѓународниот проект „RECIRCLE MED“, за време на меѓународниот настан „A Mediterranean Journey: Walk the Euro-MED Latitude!“, одржан во Марсеј, Франција.

Во име на Општина Охрид, со овластување од градоначалникот Кирил Пецаков, меморандумот го потпиша Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој.

Покрај Општина Охрид, потписници на меморандумот се и претставници на локални и регионални институции од Италија, Бугарија, Црна Гора и од Шпанија. Со него се воспоставува рамка за институционална соработка, размена на знаења, искуства и добри практики, како и унапредување на примената на принципите на сината и циркуларната економија во туристичкиот сектор.

Меморандумот е склучен за почетен период од две години, со можност за продолжување, со што се создава основа за соработка и по завршувањето на проектните активности.

Преку учеството во проектот „RECIRCLE MED“ и партнерствата со европски локални и регионални институции, Општина Охрид се вклучува во активности насочени кон развој на одржливи туристички политики, заштита на природните ресурси, унапредување на локалната економија и воведување иновативни модели за одговорно управување со туристичките дестинации.

Проектот „RECIRCLE MED“ е кофинансиран од Европската Унија преку програмата Interreg Euro-MED 2021–2027.

Ad
Ad