Економија
Димитриеска-Кочоска: Повеќе институции имаат надлежност над финансиските друштва, Министерството за финансии постапува самостојно и ги засилува контролите
Министерството за финансии (МФ) е носител на регулативата на финансисиските друштва и има надлежности во согласност со Законот за финансиските друштва и Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Но, во согласност со законските прописи, надлежности над работењето на финансиските друштва имаат и други институции – посочи денеска министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа во утринското госутвање во Радио Лидер рече дека надлежност има и Управата за јавни приходи (УЈП) во делот на даноците, Агенцијата за заштита на личните податоци во делот на личните податоци, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), она за што вчера соопшти во делот на наплата на опомени, измамнички пракси и измамничко рекламирање, Управата за финансиско разузнавање кога станува збор за промена на сопственост и во делот на перење пари и Финасиската полиција.
Појаснувајќи го постапувањето на Министерството за финансии, во согласност со ингеренциите што ги има и ги црпи од законската регулатива, министерката рече дека се вршат контроли и дека тие контроли се засилени особено по 2024 година и дека се изречени мерки, како што се одземање дозволи на 4 финансиски друштва, привремено затворање, изречени глоби во износ од речиси 50 илјади евра и слично.
– Ние постапуваме и до крајот на годината, најверојатно, ќе имаме изрекување уште прекршоци кон одредени финансиски друштва и ќе има и понатаму одземање дозволи – наведе министерката.
Таа појасни дека во 2024 година до финансиските друштва е доставен допис со укажуање на примена на член 36 од Законот за заштита на потрошувачите и дека воедно е доствен и допис во 2026 година до ДПИ за членови од договори, кои укажувале дека се прибираат трошоци, што не е во надлежност на МФ.
– Министерството за финансии настапува самостојно во согланост со законите. Во 2024 година од страна на Министерството за финансии испратено е циркуларно писмо до сите финансиски друштва со напомена да се внимава на член 36 од Законот за заштита на потрошувачите, каде што е дефинирано дека одредени опомени и таков тип на дејства што ги преземаат не смеат да се наплаќаат. Тоа е наведено во Законот за заштита на потрошувачите. Тоа сме го направиле иако не е наш матичен закон од причина што сакаме да ги потсетиме – истакна Димитриеска-Кочоска и додаде дека на зајакнување на капацитетите во МФ за надзорот се работи и со консултатни од Трезорот на САД.
Министерската најави дека е подготвен и завршен нов предлог-закон за измени и дополнување на Законот за финансиските друштва и дека тој носи клучни измени за заштита на граѓаните. Меѓу нив се регулира исплатата и уплатата на средствата да се врши електронски, односно да се ограничи исплатата во готовина, потоа намалување на трошоците за кредитите од финансиските друштва и слично.
Посочи дека некои од законските измени се направени и произлегуваат од пријави што пристигнуваат од граѓантие во Министерството за финансии. Ги охрабри граѓаните и понатаму да доставуваат пријави за евентуални неправилности при издавањето кредити од страна на финансиските друштва.
ноември 27, 2026


