Култура
„Триптих на светлината“ — изложба на тројца македонски уметници во Истанбул
Во Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул в среда, на 2 декември во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Триптих на светлината“, на која ќе се претстават сликарката Ана Митевска, скулпторот Филип Фидановски и фотографката Александра Костадиновска, со петнаесет дела.
Изложбата е курирана од Јасминка Намичева како еден симболичен триптих. Сликарството на Митевска ја носи внатрешната светлина, зората на емоцијата. Керамичките скулптури на Фидановски, во порцелан и злато, се нејзиното пладне, моментот кога светлината добива тело. Фотографиите на Костадиновска, снимени на патувања низ Европа, се зајдисонцето — светлината што заминува, но останува во меморијата.
-Светлината не ја брише темнината; таа ја преобразува“ — оваа мисла ги поврзува трите уметнички гласа во патување од интимното кон универзалното, се наведува за изложбата.
Поставката е дел од промоцијата на современата македонска уметност во Турција, со поддршка на Министерството за култура и туризам.
По повод изложбата е објавен двојазичен каталог на англиски и турски јазик.
ноември 27, 2026


