Connect with us

Регион

Топлото време и „Црниот петок“ го „наполнија“ центарот на Атина

Попусти што почнуваат од 20 и достигнуваат дури и до 60 отсто за  „Црн петок“, во комбинација со топлото, речиси пролетно време, се чини дека се доволни за Грците, но и туристите, да го наполнат центарот на градот, особено најпопуларната атинска улица за шопинг „Ерму“, што ги поврзува двата главни плоштада Синтагма и Монастираки, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изминатите години „Црн петок“  стана особено популарен во Грција, иако голем број, а можеби и мнозинството од бизнисите го претворија во „Црна недела“ со попусти што почнаа уште во понеделникот.

Електронските продавници и онлајн шопингот се веќе дел од секојдневието, но сепак, останува актуелен и традиционалниот начин на купување – директно во продавница, што за многумина денеска е и можност за прошетка во центарот на Атина, што веќе е и во новогодишно руво.

Истражувањето за потрошувачките навики спроведено од „Естер и Јанг“ Грција, во соработка со агенцијата МРБ, објавено на почетокот на месецов, покажа дека двајца од тројца потрошувачи во земјата, односно 67 отсто од анкетираните, наспроти 63 проценти лани и 50 отсто во 2024 година, планираат да пазаруваат за време на „Црниот петок“ и „Кибер понеделник“, а овој процент достигнува до 72 отсто кај лицата на возраст од 18 до 29 години и 76 отсто кај оние на возраст од 30 до 39 години.

Меѓу потрошувачите кои планираат да купуваат, половина ќе реализираат трошоци што веќе биле предвидени во нивниот буџет, односно 26 отсто рекле дека и онака планирале да ги направат купувањата подоцна, а 25 проценти ги одложиле за да ги реализираат токму во конкретниот период.

Улицата „Ерму“ е пешачка зона, полна е секој ден и поради големиот број туристи, но денеска е особено впечатлива раздвиженоста уште напладне, а вработените во продавниците очекуваат дека во попладневните часови ќе имаат уште повеќе работа.

Некои разгледуваат, некои шетаат, но не е мал бројот и на оние кои купуваат.

Меѓу оние кои со по неколку кеси во рацете шетаа по „Ерму“, голем број се туристи.

За дел од нив, како што велат за МИА, едноставно е коинциденција што токму за „Црниот петок“ се на шопинг, други пак, планирано шетаат низ продавниците во обид да најдат пониски цени од оние во нивните земји.

Две девојки од Израел се на одмор во Атина, веќе пазарувале во неколку продавници, а за МИА објаснуваат:

– Овде е многу поевтино отколку во Израел. Генерално е поевтино и кога нема попусти. „Црн петок“ постои и кај нас, но не со вакви попусти. Цените се повисоки, а попустите помали, па така ја искористивме можноста за шопинг, велат Израелките.

Од друга страна, пак, Грците, барем оние со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, не се многу воодушевени од цените за денешниот ден, очекувале повеќе, а она што го купиле или не било воопшто на попуст или намалувањето било минимално.

– Ни остави впечаток што одредени работи воопшто не се намалени и токму тоа и прашавме во една продавница. Пишува до 60 отсто попуст, но не е за сите производи, само за одредени, а оние работи што сакавме да ги купиме беа со иста цена како и минатата седмица, велат неколку студентки.

Токму ова е и „тактиката“ што ја следат многумина – подготовки за „Црниот петок“ во пресрет на настанот со проверка и фотографирање на цените во изминатиот период за денеска да видат дали има некаква промена.

– Веќе подолго време размислував да купам нов мобилен телефон, одбрав конкретен модел и од почетокот на месецов ја следев цената. Во пресрет на „Црн петок“, уште пред неколку дена е на попуст, 50 евра поевтин од претходно, што лично за мене вредеше чекањето, вели Гркинка.

Со сличен став се и две Гркинки кои претходно ги провериле цените и на интернет и во продавниците, објаснувајќи дека нема некаква разлика пред и за време на „Црниот петок“.

– Ова денеска е само маркетинг. Вистински попусти во Грција има во зима и на лето, кога е и законскиот период за попусти. На пример, гледав на интернет конкретна играчка за мало дете и сега, по повод „Црниот петок“ ја рекламираат дека е на попуст и нудат подарок мала торбичка. Претходно, при купување на целиот пакет цената беше иста, објаснува едната од Гркинките.

Другата, пак,  вели дека онаму каде што навистина видела реален и вистински попуст е кај авиобилетите.

– Гледав вчера билети за Лисабон, беа околу 600 или 700 евра, а денеска за истите датуми ги најдовме за само 300 евра. Секако, треба да се резервира веднаш, вели таа.

Скептичност за цените, односно дали попустите и понудите се навистина реални изразиле и 43 отсто од учесниците во истражувањето на „Естер и Јанг“ Грција, а еден од тројца испитаници, кои се со резерва, рекле дека би сакале да имаат увид во историјата на цените на производите.

Од друга страна, вработените во продавниците се задоволни од денешниот промет, посочувајќи дека во попладневните часови очекуваат уште поголема посетеност.

Во однос на тоа дали Грците преферираат класични и онлајн продавници, истражувањето на „Естер и Јанг“ Грција покажува дека изборот е речиси ист, односно 35 отсто од потрошувачите планираат најголемиот дел од купувањата да ги реализираат преку грчки или меѓународни онлајн продавници, а 34 проценти планираат најголемиот дел од купувањата да ги направат во физички продавници.

Купувањата главно ќе бидат насочени кон: облека и модни додатоци (61 отсто), технологија и електронски уреди (59 проценти), електрични апарати (42 отсто), производи за лична нега и убавина (31 отсто и 45 проценти кај жените), како и производи за домот и кујната (27 отсто).

А по шопингот, кафе. Кафулињата во центарот на Атина беа полни, што потсетува на денови од викендот, а не на работен ден.

Грците велат дека сакаат да ги искористат, не само попустите за „Црн петок“, туку и сончевиот ден со температура од околу 20 степени, што веројатно е и последниот толку топол ден, пред најавените зимски температури и заладувањето од следната седмица

Ad
Ad