Connect with us

Култура

„Кога земјата молчи“: Весна Димитрова Бобевски ја игра Велика како исповед

Велешката актерка Весна Димитрова Бобевски утре (сабота, 28 ноември, 20 часот), ќе ја изведе монодрамата „Кога земјата молчи“. Претставата е создадена според „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, а ќе се игра на малата сцена на театарот „Џинот“ во Велес.

Инсценацијата е комплетно авторска, дело на самата Димитрова, а проектот симболично е помогнат од ТТК банка.

На прес-конференцијата пред премиерата, директорот на театарот Жарко Спасовски, меѓу другото, истакна и дека е „горд што во нашиот театар имаме едно вакво дело и една ваква актерка“.

Димитрова пак, ја опиша претставата како многу повеќе од театарски настан. „За мене не е само театарска премиера, туку животен и актерски завет“, рече таа.

Во центарот на монодрамата е Велика, жена од македонско село, сопруга на Јон и мајка на пет деца. Текстот е поставен како исповед, како разговор на жената со самата себеси, со земјата, со мртвите, со живите и со спомените. Димитрова не сакала Велика да биде само раскажувачка на настани. Затоа телото, гласот, паузите, движењата и молчењето се дел од раскажувањето.

Претставата не е класична драмска постановка со надворешни ефекти, туку, како што вели авторката, „чиста, соголена исповед“.

Димитрова нагласува дека не смее да ја „глуми“ Велика: „Морам да ѝ го позајмам моето тело, мојот глас и мојот здив за таа да се исповеда пред публиката“.

За актерката Велика е архетип, столб на куќата и македонска мајка, „мајка на нацијата“. Додека мажите се на фронт, а светот се тресе од војни, болести и глад, таа ги погребува своите чеда со сопствени раце и не се откажува од животот. Нејзината големина, според Димитрова, не е во гласниот хероизам, туку во тивката истрајност.

Претставата, додава авторката, е нејзин личен крик и поклон пред баби, прабаби и мајки што ја сочувале земјата и јазикот. На гледачот му порачува: „Сакам да замине со нешто во себе. Со прашање. Со тишина.“

Ad
Ad