Connect with us

Култура

Балетот „Дамата со камелии“ утре на сцената на Националната опера и балет

Балетската претстава „Дамата со камелии“, инспирирана од познатата љубовна приказна за Маргарита и Арман и збогатена со музиката на Џузепе Верди, ќе биде изведена утревечер на сцената на Националната опера и балет.

Претставата ја раскажува приказната за љубовта, страста и жртвата преку балетскиот израз и музичката драматургија на Верди.

Од Националната опера и балет информираат дека диригент на изведбата ќе биде Едуард Амбарцумјан од Ерменија, додека кореографијата е на рускиот кореограф Василиј Медведев, кој соработувал со водечки балетски куќи, меѓу кои „Бољшој“ во Москва и „Марински“ во Санкт Петербург.

Сценографијата и костимографијата се дело на Павол Јураш од Словачка, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Во главните улоги ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска како Маргарита и Франциско Хименес Руиз од Шпанија како Арман, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Со раскошната сценографија, впечатливите костими и музиката на Верди, претставата ја оживува една од најпознатите љубовни приказни во светската литература и уметност, наведуваат од Националаната опера и балет.

Ad
Ad