Култура
Македонското камерно трио „АУРА“ со концерт во Истанбул
Македонското камерно трио „Аура“ вечер ќе ѝ се претстави на истанбулската публика со концерт во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ во Кадиќој.
На концертот ќе бидат изведени дела од Гери Шокер, Јан Кутсир, К. Димушевски, Љубомир Трајковски-Фис и Астор Пјацола. Програмата ќе биде заокружена со обработка на македонската народна песна „Ој ти момче Охриѓанче“, во аранжман на Валентина Димовска.
Ова музичко гостување се реализира во рамките на програмата на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, во соработка со Здружението на Истанбулската филхармонија, како уште една можност за претставување на македонската музичка уметност пред турската публика.
Триото „Аура“ го сочинуваат тројца истакнати македонски музички уметници – Страшо Темков на флејта, Ана Гацева на пијано и Марјан Милошевски на фагот, сите редовни професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Како што информира КИЦ Истанбул, со својата богата концертна дејност, ансамблот се вбројува меѓу препознатливите камерни состави на македонската музичка сцена. Неговите членови оствариле бројни настапи како солисти и камерни музичари во Европа, Америка, Азија и Африка, а триото гостувало на значајни музички фестивали, меѓу кои „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, БУНТ во Белград, НИМУС, ЛЕДАМУС, „Барски љетопис“ и фестивалот „Еспресиво“ во Цетиње.
-Особено значајно место во уметничката дејност на триото зазема промоцијата на македонското музичко творештво, вклучително и премиерните изведби на композиции создадени специјално за овој ансамбл. Гостувањето на триото „АУРА“ претставува продолжение на програмските активности на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, насочени кон меѓународна промоција на македонските музички уметници и творештво, како и кон продлабочување на културната соработка меѓу Македонија и Турција, наведува КИЦ Истанбул.
ноември 27, 2026

