Connect with us

Вести

Уставен на 27 ноември ќе одлучува за оспорените одредби од Законот за култура и Колективниот договор, СКРМ бара јавна расправа

Уставниот суд денеска соопшти дека предметот во кој се оспорени членот 78-љ од Законот за културата и Колективниот договор за културата, е ставен на дневен ред на седницата закажана за петок, 27 ноември и е во фаза на гласање.

Реакцијата следува по денешната прес-конференција на Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ), кој побара одложување на одлучувањето и одржување јавна расправа за да ги презентира своите аргументи.

-Уставниот суд, во врска со актуелните предмети за кои претстои донесување одлука, се воздржува од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката. Во согласност со заложбите за транспарентност и отчетност, јавноста ќе биде навремено и целосно информирана за одлученото – се наведува во соопштението од Уставниот суд. 

Почитувајќи го правото на секој субјект јавно да ги изразува своите ставови, Уставниот суд апелира до сите засегнати страни да ја почитуваат неговата уставно загарантирана независност и да овозможат процесот на одлучување да се одвива непречено, ослободен од каква било форма на притисок или влијание.

Од Судот нагласуваат дека одлучуваат исклучиво врз основа на Уставот, независно од очекувањата, интересите или популарноста на темите во јавниот дискурс. 

Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) денеска на прес-конференција побара од Уставниот суд да го одложи одлучувањето за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и членот 78-и од Законот за култура, сè додека на синдикатот не му биде овозможено да ги презентира своите аргументи.

Од СКРМ информираа дека за 27 ноември е закажано одлучување по предметот, но дека и покрај двете писмени барања, не добиле покана за присуство на седницата. Сметаат дека како потписници на Колективниот договор имаат непосреден правен интерес да учествуваат во постапката и бараат јавна расправа.

Синдикатот предупредува дека евентуалното укинување или поништување на договорот може да доведе до губење на веќе утврдените работнички права за илјадници вработени во културата и враќање на состојбите пред 2020 година.

Ad
Ad