Connect with us

Вести

Клековски: Во декември ќе ја издвоиме Службата за итна медицинска помош од Здравствениот дом – Скопје, 26 нови возила се наменети за главниот град

Службата за итна медицинска помош во Скопје ќе биде издвоена од Здравствениот дом – Скопје со цел да се обезбедат посамостојно управување, посебен буџет и поефикасни постапки за вработување – најави денеска министерот за здравство, Сашо Клековски. Како прв чекор, оваа институционална промена треба да почне во декември, а паралелно ќе се работи на воспоставување национален протокол за тријажа и национален диспечерски центар.

Клековски, кој денеска ја посети Службата за итна медицинска помош во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање по првиот национален форум „Општини за здравје“, оцени дека оваа здравствена дејност е запоставена во изминатите 30 години и дека набавката на нови возила, иако неопходна, не е доволна за надминување на проблемите.

– Ако имаме сегменти во здравството во кои сме добри, како намалувањето на смртноста кај доенчињата, има и области во кои не сме толку добри. Итната медицинска помош, заедно со радиодијагностиката и онкологијата, се трите подрачја што создаваат големо незадоволство и негативна перцепција за состојбите. Денеска се уверив дека Итната медицинска помош е запоставена 30 години, а освен набавката на нови возила, многу малку други активности биле преземени – изјави Клековски.

Тој посочи дека проблемот е особено изразен во Скопје, каде што покрај потребите на милионскиот град, екипите на Службата за итната медицинска помош преземаат и дополнителни обврски, како обезбедување здравствена поддршка за големи настани и протоколарни посети, но и организирање транспорт на пациенти од странство.

Според Клековски, на територијата на целата држава има 243 тима на Службата за итна медицинска помош, но скопската служба е дополнително оптоварена со активности што не се однесуваат само на потребите на граѓаните на главниот град.

Како прв чекор за подобрување на состојбите, министерот ја најави институционалната реорганизација на Службата во Скопје.

– Првиот чекор, кој сме одлучни да го направиме веќе во декември, е издвојување на Службата за итна медицинска помош од Здравствениот дом – Скопје за да обезбедиме соодветно управување, соодветен буџет и соодветни постапки за вработување имајќи ги предвид предизвиците бидејќи до 2030 година значителен број од кадарот ќе замине во пензија – рече Клековски.

Тој објасни дека осамостојувањето треба да создаде основа за подобро функционирање на итната медицинска и ургентната медицина во целина, но и да овозможи спроведување уште две значајни реформи – воведување национален индекс, односно протокол за тријажа, и формирање национален диспечерски центар.

Во однос на тријажата, Клековски појасни дека веќе постојат одредени протоколи, но тие не се унифицирани на целата територија на државата, ниту се доволно јавно комуницирани. Со националниот протокол граѓаните треба да бидат информирани за степенот на итност на нивните здравствени состојби и времето во кое треба да добијат медицинска помош.

– Треба да се знае што е црвено, кога е неопходна итна реакција, што е жолто и може да почека еден или два часа, а што е зелено и може да се одложи за следниот ден или да го реши патронажна сестра. Имаме два успешни модели во регионот, словенечкиот и романскиот, а имаме и наши лекари што биле на обука во овие земји. Значи, знаењето го имаме, треба да продолжиме напред – рече министерот.

Вториот процес се однесува на формирање национален диспечерски центар, кој треба да овозможи координирано функционирање на сите тимови и возила на Службата за итна медицинска помош, без оглед на тоа на која установа или регион ѝ припаѓаат.

Клековски посочи дека со ваквиот систем, во ситуации кога скопската служба е преоптоварена со дополнителни обврски, би можеле да се ангажираат екипи од други подрачја, каде што притисокот е помал. Како пример ја наведе можноста за подобро планирање на ангажманот на екипите при големи настани, но и проценување која служба може побргу да интервенира во погранични подрачја, како Сарај, каде што треба да се спореди времето на пристигнување на екипите од Скопје и Тетово.

Тој информира и дека на посетата била презентирана идеја за проширување на концептот на парамедици и во противпожарните служби имајќи предвид дека пожарникарите често се меѓу првите што пристигнуваат на местото на несреќата.

Одговарајќи на прашањето што конкретно ќе се преземе за надминување на недостигот од екипи во наредниот период додека се спроведуваат најавените реформи, Клековски рече дека во тек е завршување на ревизорскиот извештај за работата на Службата за итна медицинска помош на целата територија на државата.

Тој нагласи дека од набавените 100 нови возила, 26 се наменети за Службата  за итна медицинска помош во Скопје, со што, според него, ќе се зголеми бројот на функционални возила.

– Од 140 возила, бројот ќе се зголеми на 200 функционални. Дополнително, има уште 50 возила за кои Европската Унија, односно Делегацијата на ЕУ, треба да го објави огласот во декември. Со тоа го комплетираме делот со возилата – изјави Клековски.

Тој додаде дека со издвојувањето на скопската Служба за итна медицинска помош од Здравствениот дом ќе се олесни и екипирањето со човечки ресурси преку нивна ротација и поефикасно управување со кадарот.

Во однос на можноста за воведување парамедици, министерот рече дека програмите се подготвени и дека треба да се разговара со Медицинскиот факултет за нивно активирање. Сепак, според него, во моментот најголем проблем не е недостигот од лекари, туку недостигот од возачи.

Ad
Ad