Connect with us

Општини

Нови ехо-апарати во кумановската болница, над 17 милиони денари за современа медицинска опрема

ЈЗУ Општа болница Куманово набави четири нови ултразвучни апарати за потребите на одделенијата за неонатологија, интерна медицина, радиологија и офталмологија. Вкупната вредност на опремата изнесува 17.169.000 денари, со што се унапредуваат дијагностичките капацитети на болницата и можностите за обезбедување поквалитетни здравствени услуги.

Современ ултразвучен апарат доби Одделението за неонатологија, наменет за навремено откривање и следење на здравствената состојба на новороденчињата, особено во првите денови од животот. Новата опрема ќе ги зголеми дијагностичките можности и ќе ги подобри условите за работа на медицинскиот персонал.

Ехо-апарат доби и Интерното одделение, каде што ќе се користи за абдоминална дијагностика, ултразвучна процена на абдоминалните органи и следење на здравствената состојба на пациентите.

На Одделението за радиологија е набавен нов апарат со кој се унапредуваат можностите за ултразвучна дијагностика и работата на стручниот тим радиолози и медицински персонал.

Новата опрема на Одделението за офталмологија овозможува дијагностика на промени во внатрешноста на окото, меѓу кои одлепување на ретината, промени во стаклестото тело, тумори и интраокуларни туѓи тела. Апаратот овозможува и мерење на должината на очното јаболко, што е важно при подготовка на пациентите за операции на катаракта.

Вредноста на ехо-апаратите за неонатологија, интерна медицина и радиологија поединечно изнесува 5.074.000 денари, додека апаратот за офталмологија е во вредност од 1.947.000 денари. Вкупната вредност на четирите апарати изнесува 17.169.000 денари.

Од болницата информираат дека опремата е дел од вкупната набавка на медицинска опрема во вредност од 108 милиони денари, овозможена од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и Владата.

Со новите апарати се очекува да се подобрат дијагностичките можности на четирите одделенија, условите за работа на медицинскиот персонал и квалитетот на здравствените услуги за пациентите од Куманово и поширокиот регион.

Ad
Ad