Connect with us

Култура

Осумнаесет години Фестивал на музика од светот во Битола

Националната установа Центар за култура е подготвена за новото 18. издание на меѓународниот фестивал на Музика од светот, кој утревечер во Битола ќе го отвори уметницата Армира Медуњанин од Босна и Херцеговина.

Почетоците на фестивалот датираат од 2009 година, под името „Етно фест“ со премиерен настап на музичката група „Баклава“, а од 2010 година фестивалот го добива своето ново име – „Фестивал на музика од светот – Битола“ / Festival of World Music, со што започнува неговото профилирање како фестивалска манифестација посветена на различните музички традиции, култури и современи музички изрази од светот, изјави за МИА, м-р Љупка Стефановска, членка на Советот на фестивалот.

-Во изминатите години, фестивалот беше домаќин на бројни еминентни музички имиња и уметници од меѓународната сцена. Меѓу нив се Ричард Галијано, Тереса Салгуеро, Наташа Атлас, Раби Абу-Калил, Tangaria Quartet, Karsu Dönmez, Yolla Khalifé, Marla Blumenblatt, Baba Zula, Керем Горсев Трио, Божо Вречо, Gypsy Groove, Compania Flamenca Ecos Cuba, Libercuatro Tango Ensemble, Биља Крстиќ, Joana Amendoeira & Band, Manolo & Voice of the Gypsies, како и многу други уметници и музички состави кои со своето творештво придонесоа за меѓународниот карактер и препознатливоста на фестивалот. Подеднакво значајно место во фестивалската историја имаат и македонските музички уметници и состави. Дел од нив се Каролина Гочева, Љубојна, Васил Хаџиманов Бенд, Никола Коџабашија, Фолтин, Пенелопе Х, Џенгиз Ибрахим, Синтезис, Џамбо Агушевиот оркестар, Благојче Трајковски, Камерниот оркестар на Битола, Битолскиот дувачки оркестар, музичкиот состав „Лилит“, групата „Фонтана“, Сузана Спасовска, Тихомир Јанчовски, Бранислав Николов и многу други – потсети Стефановска.

Оваа година фестивалот Музика од светот се реализира под мотото „Музички крстопат“ и освен уметници од Македонија, застапени се гости од Турција, Шпанија, Грузија, Босна и Херцеговина.

-Мотото не е случајно избрано, туку претставува суштинска слика за неговиот идентитет, програмска определба и досегашен развој. „Музички крстопат“ е местото каде што се среќаваат и вкрстуваат различни музички традиции, културни влијанија и уметнички изрази, претставени преку различни начини на изведба и разновидни музички жанрови. Тоа е простор во кој се преплетуваат различни звуци, ритми, емоции и уметнички бои, создавајќи нови музички доживувања и отворајќи можности за културен дијалог и меѓусебно запознавање – посочи Стефановска.

Во пресрет на музичката програма што ќе ја презентира Амира Медуњанин, утревечер во фоајето на битолскиот Центар за култура ќе биде отворена изложба на тема „Бучава што создава идентитет“ на авторот Тошо Филиповски.

Ad
Ad