Connect with us

Свет

Северна Кореја размислува за затворање на швајцарското дипломатско претставништво во Пјонгјанг

Северна Кореја реагираше на санкциите што Швајцарија ги воведе против севернокорејскиот меѓународен детски камп „Сонгдовон“, поради сомневањата дека бил вклучен во префрлање деца од украински територии под руска окупација. Пјонгјанг најави дека ќе ја разгледа можноста за затворање на швајцарското дипломатско претставништво во земјата, објавија севернокорејските државни медиуми

Ким Јо-џонг, влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, оцени дека швајцарските санкции претставуваат повреда на суверенитетот на земјата и демонстрација на непријателство кон Пјонгјанг.

„Гласот на Америка“ минатата недела објави дека Швајцарија го ставила севернокорејскиот меѓународен детски камп „Сонгдовон“ на својата листа на санкции поради соработката со групи поврзани со Русија во префрлањето деца од делови на Украина под руска окупација.

Санкциите ја лишуваат Северна Кореја од можноста да им обезбеди на децата културни и рекреативни активности и оставаат „неизбришлива дамка“ врз меѓународниот углед на земјата како држава што промовира хуманост, изјавила Ким Јо-џонг во соопштението.

„Сметам дека е потребно сеопфатно да ги преиспитаме односите со недоверливата Швајцарија, чии постапки не се во согласност со нејзините зборови…Ќе му предложам на нашето Министерство за надворешни работи темелно да го разгледа прашањето за повлекување на швајцарското дипломатско претставништво од Пјонгјанг во наредните денови и да преземе соодветни мерки“, изјавила Ким Јо-џонг.

Северна Кореја во октомври беше домаќин на швајцарскиот министер за надворешни работи, при што двете страни се согласија да ги унапредуваат дијалогот и соработката. Швајцарија, исто така, неодамна отвори дипломатско претставништво во Пјонгјанг.

Северна Кореја значително ги зајакна односите со Русија од 2023 година, а се верува дека испорачала оружје и испратила војници за да ѝ помогне на Москва во војната против Украина, врз основа на сеопфатниот договор за партнерство што лидерите на двете земји го потпишаа во 2024 година.

Ad
Ad