Свет
Вирџинија и Орегон први во САД ја тужат „Спејсикс“ поради сексуализирани слики создадени со вештачка интелигенција
Американските сојузни држави Вирџинија и Орегон денеска поднесоа одделни тужби против компанијата „Спејсикс“ на Илон Маск, обвинувајќи ја дека нејзината алатка за вештачка интелигенција (ВИ) „Грок“ создавала сексуализирани слики на возрасни и деца без нивна согласност.
Вирџинија и Орегон се првите американски сојузни држави што ја тужат компанијата поради „Грок“, иако претходно генерални обвинители на неколку други држави започнаа истраги за слични наводи.
Генералниот обвинител на Вирџинија Џеј Џонс и генералниот обвинител на Орегон Ден Рејфилд ја обвинија „Спејсикс“ дека не спречила создавање и дистрибуција на интимни слики без согласност на прикажаните лица, како и материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Во тужбите се наведува дека алатките на „Грок“ за генерирање слики и видеосодржини им овозможувале на корисниците да создаваат реалистични сексуализирани содржини врз основа на фотографии од вистински луѓе, без нивно знаење или дозвола.
Генералните обвинители ја обвинија компанијата и дека ја промовирала можноста на „Грок“ за создавање такви содржини преку функции, меѓу кои и таканаречениот „зачинет режим“ („спајси мод“), истовремено уверувајќи ги корисниците дека се воспоставени соодветни безбедносни мерки.
„Кога компанијата Икс-Еј-Ај му дозволи на тимот што го создаде Грок да ја занемари согласноста заради остварување профит, таа им даде предност на растот и ангажираноста на корисниците пред безбедноста и ја доведе јавноста во заблуда“, изјави Џонс во соопштение, осврнувајќи се на компанијата за вештачка интелигенција Икс-Еј-Ај.
Според истражување на Центарот за борба против дигиталната омраза, цитирано во тужбата на Вирџинија, „Грок“ генерирал и објавил околу три милиони сексуализирани слики на социјалната мрежа Икс во периодот од 29 декември 2025 до 8 јануари 2026 година.
Во истражувањето се проценува дека околу 23.000 од тие слики изгледале како да прикажуваат деца.
Рејфилд ја обвини компанијата дека свесно ја развивала технологијата без соодветни заштитни механизми.
„Спејсикс му дозволи на Грок и на платформата Икс да создаваат, хостираат и споделуваат неприфатливи и опасни содржини – а всушност свесно дизајнираше производ без очигледно неопходните заштитни механизми“, изјави тој.
Официјалниот профил за безбедност на Икс-Еј-Ај објави реакција на Икс, социјалната мрежа на Маск. „Заштитата на децата не подлежи на преговори. Сексуалните содржини во кои се вклучени малолетници, без разлика дали се вистински или создадени со вештачка интелигенција, се одвратни. За нив нема место ниту на Икс ниту во Грок, исто како што нема место за експлицитни слики од вистински луѓе создадени без нивна согласност“ – се посочува во објавата.
ноември 24, 2026


