Connect with us

Вести

Во Кочани 51. „Марш за ангелите“

Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ маршираа по 51. пат, како што рекоа, со истата болка, со истата празнина во срцата и со истото барање – вистина, одговорност и правда.  Нагласија дека денеска не чекорат само за нивните 63 ангели, туку и за сите невини жртви од трагедиите од кои Македонија е завиена во црно. И потенцираа,  Ласкарци – 16 изгубени животи, модолуарна болница во Тетово – 14 згаснати животи, „Беса транс“ – 45 човечки животи, „Пулс“ во Кочани – 63 изгубени животи.

-Различни трагедии, различни семејства, иста болка. И едно прашање што одекнува низ цела Македонија: до кога. До кога ќе се бараат одговори дури откако ќе згаснат човечките животи, до кога предупредувањата ќе останат неслушнати, а опасностите непрепознаени. До кога по секоја трагедија ќе слушаме дека вакво нешто никогаш повеќе не смее да се повтори, а потоа повторно ќе палиме свеќи, запраша Валентина Христовска, мајка на починатиот двесетгодишен Павел во трагичниот пожар.

Зборувајќи во името на сите родители, таа порача дека не бараат привилегии, ниту посебен третман, туку вистина, правда во судница и одговорност за секој докажан пропуст.

– Затоа што зад секој пропуст може да стои нечиј живот, а зад секој изгубен живот останува семејство што никогаш повеќе нема да биде исто, рече Христовска, додавајќи дека ним не им се потребни нови ветувања по нови погреби, дека не сакаат повеќе споменици за изгубени животи, туку дека сакаат институции што ќе ги штитат животите.

Своето обраќање од пред полициската станица таа го заврши со барање правда за Кочани, правда за сите невини жртви, барање за одговорност, а не ветувања.

И денеска „Маршот за ангелите“ во Кочани  започна од „Паркот на Револуцијата“,  продолжи кон Трговскиот центар, зградите на УЈП , полицијата и Судот и Обвинителството.  Маршот заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата.

Ad
Ad