Вести
Уште 26.000 вакцини против грип утре или в понеделник ќе бидат во употреба, ќе биде извесна набавката и на другите 30.000, тврди Клековски
Дваесет и шест илјади вакцини против грип минатата недела се пристигнати во Словенија, очекуваме утре, најдоцна в понеделник, да бидат во употреба во Македонија. Сите документациски работи се завршени, така што овие количини најдоцна од понеделник ќе бидат достапни – изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Посочи дека сè уште има достапни вакцини од првата набавка и сега може со поголема сигурност да го забрзаат и темпото на вакцинирање.
– Стигнавме до приближно 20.000 вакцинирани во изминатиот период. Ќе биде извесна набавката и на другите 30.000 вакцини против грип. Очекувам утре или в понеделник да донесеме одлука дали дел од вакцините ќе го направиме достапен за неризичните групи бидејќи со крајната набавка на 30.000 вакцини ќе има 86.000 достапни вакцини. Досега никогаш повеќе од 80.000 не биле ставени на располагање, така што ќе направиме процена за одредени барања вакцини да бидат достапни и надвор од ризичните групи, приватно – додаде Клековски.
ноември 12, 2026


