Connect with us

Вести

Минчев од Атина: По новото институционално партнерство со ЕКДДА, следуваат конкретни чекори за соработка

Конкретните чекори за спроведување на Меморандумот за соработка меѓу Министерството за јавна администрација и Националниот центар за јавна администрација и локална самоуправа на Грција (ЕКДДА), со акцент на обуките, институционалната координација и размената на експертиза, биле во фокусот на средбата на министерот Горан Минчев со раководството на грчката институција во Атина.

Како што соопшти Министерството за јавна администрација, Минчев го посетил Националниот центар за јавна администрација и локална самоуправа на Грција, каде што со претседателот на институцијата, Василиос Ексархос, разговарал за следните чекори во спроведувањето на меморандумот и можностите за продлабочување на институционалната соработка.

-Меморандумот за соработка претставува почеток на конкретни активности, размена на знаења и долгорочно институционално партнерство. Целта е позитивните искуства и докажаните практики да се преточат во применливи решенија, со кои ќе се унапредат системот на обука, професионалните компетенции и квалитетот на јавната администрација, во интерес на граѓаните и поефикасните јавни услуги – стои во соопштението.

Во фокусот на разговорите биле директната координација меѓу институциите, размената на експертиза, развојот на програми за обука и пренесувањето успешни практики што би можеле да придонесат за унапредување на професионалните компетенции на административните службеници.

За време на посетата, Ексархос ја претставил организацијата, работата и искуствата на Центарот, по што делегацијата ги разгледала неговите капацитети и инфраструктурата за спроведување обуки и стручно усовршување.

Од Министерството посочуваат дека посетата овозможила непосредно запознавање со грчкиот модел за обука на јавната администрација и размена на искуства значајни за развојот на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници во земјава.

Ad
Ad