Свет
Европол објави листа на најбарани бегалци осомничени за злосторства врз деца и стари лица
Европската мрежа на активни тимови за потрага по бегалци (ENFAST), со поддршка на Европол, започна нова кампања „Најбарани во ЕУ“, насочена кон пронаоѓање на 19 бегалци од 14 земји, кои се бараат за злосторства врз деца и стари лица.
На листата се наоѓаат лица осомничени за сексуална експлоатација на деца, како и за измама чии жртви биле стари лица, се наведува во соопштението.
Меѓу нив се осомничени против кои се води кривична постапка и осуденици кои избегнуваат да ја издржат казната. ENFAST и Европол ги повикаа граѓаните да ги видат профилите на бараните лица на веб-страницата „Најбараните во ЕУ“ и анонимно да достават информации што би можеле да помогнат во нивното пронаоѓање.
Кампањата ги вклучува бегалците што ги бараат Австрија, Белгија, Хрватска, Кипар, Чешка, Естонија, Финска, Франција, Германија, Унгарија, Италија, Луксембург, Полска и Шпанија.
Веб-страницата беше лансирана во 2016 година, а во текот на десет години, врз основа на објавените профили е уапсен 191 бегалец.
Во 58 случаи, апсењата беа овозможени благодарение на информациите што ги дадоа граѓаните.
Во текот на 2026 година, уапсени се 16 лица од списокот, вклучувајќи четворица бегалци чие пронаоѓање беше овозможено по дојави од граѓани.
Европол ги повика граѓаните да не им се обраќаат на бараните лица, туку да ги достават сите информации до надлежните органи преку веб-страницата.
ноември 12, 2026

