Connect with us

Свет

Извештај на американскиот Конгрес: Државата со години не ги спречи сексуалните злоупотртеби на Епстин

Американските федерални власти со децении не успеаја да го спречат осудениот сексуален престапник Џефри Епстин во манипулациите и сексуалните злоупотреби на млади жени и девојки и покрај многуте докази за неговите злосторства, покажува извештајот објавен денеска од републиканците во Комитетот за надзор на Претставничкиот дом.

Истрагата, која траеше 15 месеци, вклучуваше 19 транскрибирани интервјуа со сведоци, вклучувајќи ги и некои од најважните соработници на Епстин, како и анализа на финансиска документација, документи на Министерството за правда и материјал од имотот на Епстин, објави „Си-би-ес њуз“ (CBS News).

„Речиси секоја фаза од случаите што ги разгледа Комитетот иницира вознемирувачки прашања за тоа како Џефри Епстин и (неговата соработничка) Гилејн Максвел, кои сексуално злоупотребуваа и тргуваа со млади жени и девојки, ја избегнуваа одговорноста толку долго“, наведуваат републиканците во извештајот.

Републиканците во Комитетот за надзор изјавија дека Епстин ги напаѓал ранливите млади жени и девојки ветувајќи им „деловни можности и удобен живот“ сè додека жртвите на неговите злосторства не биле целосно зависни од него и подложни на неговата волја.

Како што се наведува во извештајот, луѓето околу него најчесто го слушале слепо додека манипулирал со младите жени.

Во извештајот се истакнува дека „намерното замижување“ пред постапките на Епстин било присутно на сите нивоа – од неговите најблиски вработени, долгогодишниот адвокат, сметководителот и личниот асистент, кој организирал дневни масажи и ги чувал неговите контактни евиденции, до влијателни пријатели, кои, и покрај многуте предупредувачки знаци, тврделе дека не се сомневаат оти тој злоупотребува жени или извршува какви било кривични дела.

Авторите на извештајот препорачаа Министерството за правда да поведе нови истраги за луѓето од неговото окружување, а Конгресот да усвои закон што ќе спречи злоупотреба на договорите за доверливост за заштита на жртвите на сексуално вознемирување и искористување.

Ad
Ad