Connect with us

Свет

Русија и Украина тврдат дека е постигнат одреден напредок во мировните преговори

Руските и украинските преговарачи изјавија дека е постигнат одреден напредок во дводневните мировни преговори во Абу Даби, кои завршија денеска.

Сепак, американските посредници оценија дека постои недостиг на доверба меѓу завојуваните страни, како и разлики во прашањата како што е територијата.

Во првите мировни преговори по осум месеци, Русија и Украина договорија поголема размена на заробеници, но немаше други позначајни конкретни резултати по состаноците со посредство на САД.

Американскиот пратеник Џаред Кушнер, зет на претседателот Доналд Трамп, изјави дека посредниците се обидуваат да ги задоволат интересите на двете страни со цел ставање крај на најголемиот судир во Европа од Втората светска војна и е уверен дека е можно да се најде пат кон мирот.

И покрај јавниот оптимизам на Трамп, нема индикации дека е постигнат компромис во врска со главните прашања.

Преговорите за територијата влегоа во ќорсокак, при што Украина ги отфрли барањата на рускиот претседател Владимир Путин во замена за мир да го предаде целиот источен регион Донбас, а американските посредници се обидоа да ги насочат разговорите кон повоените безбедносни гаранции и обновата.

– Всушност, во моментов нема доверба меѓу страните и тоа е очекувано по судир како овој – рече Кушнер, додавајќи дека преговорите во главниот град на Обединетите Арапски Емирати ги допреле територијалните прашања кои ќе биде најтешко да се решат.

– Во некои области гледаме простор за компромиси, а на други места ни се потребни уште дискусии, но верувам дека ова беше многу добар чекор – додаде тој.

Кушнер изјави дека тој и неговиот колега Стив Виткоф утре ќе отпатуваат за Москва на средба со Путин, на која ќе го отворат прашањето за проширување на преговорите со европските партнери, за кои рече дека мора да бидат на масата.

Тој додаде дека безбедносната архитектура на Европа би можела да биде основа на договорот, но не наведе детали.

Администрацијата на Трамп ја намали директната поддршка за Украина, а Европа стана нејзин главен давател на финансиска и воена помош.

По состанокот во Москва, Кушнер и Виткоф ќе се сретнат со украинскиот лидер Володимир Зеленски за време на посетата на Ирска.

Ad
Ad